25/04/2024
Охрид

Честитка од Здружението „Титоисти“ за 7ми Ноември

Здружението „Титоисти“ Охрид испрати честитка по повод 7-ми Ноември, Денот на ослободувањето на Охрид.

„Во својата вековна историја, Охрид запишал многу значајни датуми за своето постоење. Но, ниту еден датум ја нема симболиката на ослободувањето, на зачекорувањето во мирот и просперитетот, на удирањето на темелите на еден современ град, како што е денешниот датум, 7-ми Ноември. На овој ден, се враќаме седум децении наназад, во светлината на ноемврискиот ден, кој на Охриѓани им ја донесе толку посакуваната слобода, како најсилен и најзначаен симбол на секој слободољубив народ. Најсамосвесните, најпрегорните, најсамопожртвуваните во својата партизанска генерација, која предводена од Главниот Штаб на НОВ и ПОМ, и маршалот Јосип Броз – Тито, ги вгради своите животи во браникот на нивниот сакан град, и ги поставија патеките на градот кој сите ние денес го сакаме и го почитуваме. Борбата на сите тие млади луѓе, партизани, за денес ние да го живееме нивниот сон, не смее да се заборави. Таа мора да продолжи во секој од нас, и во сите идни генерации. Водејќи се од нивните идеали, ние мора да поставиме нови цели и вредности, засновани на нивната слободарска визија, на цврстата определба на плејада млади луѓе, за остварување на испрекинатата мечта, создавање своја слободна татковина.

Споменот на тие храбри луѓе не треба никогаш да згасне! Напротив, тој треба да гори како вечен пламен во срцата на сите наши сограѓани, кои секогаш знаат да ги извојуваат сите битки на праведен начин, и достоинствено застануваат пред сите предизвици на времето во кое живееме, затоа што тоа е нашата денешна борба, да обезбедиме подобра иднина за градот кој е наш единствен дом!

Нека е честит и вековит овој најзначаен датум во поновата историја на Охрид!“– стои во честитката од Здружението „Титоисти”.