24/04/2024
Охрид

Честитка по повод 11 Октомври од ОО на СДСМ Охрид

По повод 11 Октомври, Денот на македонското востание денеска делегација на ОО на СДСМ – Охрид предводена од претседателот Лазе Таневски, а во која беа и пратеничката Жаклина Лазаревска, секретарот на ИО на СДСМ Васко Паскали, членот на ИО Ана Николоска и Мишел Силјаноски, советник во Советот на општина Охрид се поклонија и положија свежо цвеќе пред бистите на борците во Градскиот парк во Охрид.

СДСМ – Охрид им го честита празникот 11 Октомври на сите слободољубиви граѓани, на членството и на симпатизерите на партијата и потсетува:

„Во годината кога се одбележува 78 годишнината од приклучувањето на македонскиот народ во борбата против фашизмот, пред нашата земја стојат големите предизвици, полноправното членство во НАТО и добивањето датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

И денеска на овој голем ден во нас одѕвонуваат херојските подвизи на партизаните од Охрид на чело со Петре Пирузе – Мајски и на сите оние кои го жртвувале својот живот за слободата во која ние живееме. НОБ е во колективната меморија на граѓаните. Вистината за антифашистичката борба не смее да се заборави.

Да ни е честит 11 Октомври, денот кога пукнала првата пушка во Прилеп и Куманово и го означила почетокот на НОБ во нашата Македонија.

Денес, ние сме новата генерација борци за посветла иднина. Пред нас е предизвикот да направиме храбри чекори за да ја осигураме и зацврстиме нашата Татковина, да ја направиме просперитетна, демократска и економски силна.

Борбата за подобро утре продолжува, со упорност, храброст и посветеност ќе ја добиеме не толку за нас колку за нашите идни генерации.

Да ни е честит и вековит 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ!“ – стои во честитката од ОО на СДСМ Охрид.