29/03/2024
Македонија

Честитка по повод Илинден од претседателот на ГДУ – Петар Колев

Чекор по чекор, со многу жртви и пролеана крв, со многу истрајност, но и неуспеси, разочарувања и предавства, нашите предци успеаја да го реализираат сонот за Македонска држава.

Почнувајќи од идејата за автономија, како рефлексија на Берлинскиот договор, минувајќи низ голготата на востанието, пожарите и бегалците, преку двете Балкански војни и нивните катастрофални последици, преку Првата светска војна, идејата за самостојна држава (Македонија на Македонците), преку атентатите и теророт, Втората светска војна и нејзиниот пустош и тоталната светска трагедија, преку Југославија и нејзиниот крвав распад, денес ние живееме во сопствена држава.

Зависно од времето, условите и можностите, нашите предци секогаш наоѓале начин да останат посветени на идејата за Македонија и вековниот сон кој денеска е наша реалност.

Можеби точно денеска е убаво да се запрашаме дали ние сме достојни нивни наследници? Што направивме со Македонија?

Дали е нормално во мирно време и без војни да имаме повеќе „бегалци” отколку по време на востанија и војни?

Дали е нормално нашите деца и внуци да ги гледаме преку камери, нашите баби и дедовци да живеат со тие мизерни пензии од 10-12-15000 денари кои не им стигнуваат за лекарства а камоли за нешто друго, да имаме најлош образовен, но и здравствен систем во Европа, а корупцијата и криминалот да се повод за гордост (се снашол човекот). Доблеста, честа и идејата на нашите предци е нешто со кое  ние се гордееме денес, но со што од она што ќе го оставиме после нас ќе се гордеат нашите наследници утре?

Да ни е за многу години Илинден! Илинден бабо Илинден, за нас бабо ВЕЛИГДЕН!

Петар Колев, претседател на Граѓанско Демократска Унија-ГДУ