29/03/2024
Македонија

ЦИВИЛ за укинувањето на привилегиите на функционерите

ЦИВИЛ повторно ја актуелизира Иницијативата за укинување на привилегиите на функционерите. Во денови кога светската економија е на колена поради справувањето со кризата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19 ЦИВИЛ смета дека е крајно време да се стави крај на привилегиите на функционерите кои изминатите децении го пустошат буџетот на земјата. Сега, повеќе од кога и да е порано, дојде време кога треба да се мисли на парите на граѓанките и граѓаните.

Во период на пандемија и вонредна состојба за спречување на заразата, со распуштен парламент и одложени парламентарни избори, не се возможни големи промени во легислативата, но може да се започне со подготовки за да им се излезе во пресрет на овие барања.

Затоа, ЦИВИЛ ги поздравува мерките на Владата за намалување на примањата на функционерите, но сега е вистинското време да се започне со подготовки и за укинување на привилегиите. ЦИВИЛ ја поздравува и ја поддржува иницијативата да се вратат буџетските средства на политичките партии во заедничката каса на граѓанките и граѓаните. Организацијата ги повикува сите политички партии, без маневри и условувања, да ја прифатат иницијативата за враќање на парите од партиите во буџетот.

ЦИВИЛ смета дека потребно да се потсетат политичките партии на барањата од оваа Иницијатива, доставени до службите во Собранието на РСМ, без одговор, во мај 2019 година. Очекуваме од новиот парламентарен состав да ги прифати и спроведе сите барања, а во меѓувреме, Владата да продолжи со започнатата практика на штедење и кратење на привилегиите на функционерите.

Ова се барањата на Иницијативата на ЦИВИЛ за укинување на привилегиите:

  • Укинување на апанажите на било кое ниво за било која позиција.
  • Укинување на доживотните пензии за поранешните претседатели, до моментот кога тие исполнуваат услови за пензија, соодветно на примањата што ги имале во текот на работниот век.
  • Укинување на парични и други надоместоци за сите управни одбори, односно позицијата во тие и слични тела треба да биде почесна, а не платена.
  • Укинување или спојување на државните агенции, со намалување на бројот на вработени. Бараме укинување на сите привилегии што се поврзани со користење службени возила, репрезентации, обезбедување на функционерите и други прескапи привилегии.
  • Драстично намалување на патните трошоци на функционерите, поточно, обезбедување средства во висина на цената за јавен превоз.
  • Да се воспостави пракса на забрана за набавка на службени возила од средна и висока класа.
  • Укинување на дискреционите овластувања на функционерите.
  • Значително намалување на превисоките плати на избраните и именуваните функционери.
    Намалување на бројот на пратеници во Собранието на РСМ од 120 на 80 пратеници;
    Намалување на министрите во Владата на максимум 10 и укинување на функцијата Министер-ка без ресор.
  • Да се продолжи и прошири практиката на транспарентност на Владата со јавното објавување на висината на платите и додатоците на плата на сите функционери и раководни лица во институциите и јавните претпријатија на локално и национално ниво.
  • Да се воведат регулативи и практики за привилегиите слични на оние во Кралството Шведска или Сојузна Република Германија, па дури и со повеќе ограничувања.

Барања на ЦИВИЛ ги поддржаа преку 6.000 граѓанки и граѓани на онлајн петицијата во текот на летото 2019 година. Овие барања подразбираат сериозни, искрени и доследни интервенции во: Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието, Законот за пратениците, Законот за правата на претседателот, како и во низа други закони, деловници, правилници и друга регулатива што овозможува расипничко трошење на јавните пари и злоупотреби на моќта на локално и национално ниво.

ЦИВИЛ и граѓанките и граѓаните што ја поддржуваат оваа Иницијатива изјавуваат дека е бесмислено да се трошат огромни суми пари за доживотни повластици на поранешните претседатели на државата, без оглед на тоа дали тие биле на висината на својата функција или биле криминалци. Едноставно, нема ниедна логична причина тие доживотно да живеат во раскош на сметка на сиромашните граѓанки и граѓани на Република Северна Македонија, особено сега кога земјата, но и целиот свет се соочува со криза од невидени размери.

Функционерите во законодавната и извршната власт, а секако и локалната самоуправа, мораат да се откажат од луксузните автомобили, од патните трошоци, од репрезентативните издатоци, прескапите патувања за кои имаат слаби изговори, луксузниот мебел, набавките на уметнички дела за „декорирање“ на нивниот работен простор и сите останати удопства на кои полагаат право врз основа на закони зад кои стојат сомнителни, па и криминални мотиви.

ЦИВИЛ бара да се ревидираат сите законски регулативи според кои им се даваат прекумерни привилегии и на актуелните и на функционерите во заминување. Во време кога владее глобална рецесија, а здравството и образованието се соочуваат со тешките последици од пандемијата, бесмислено е да се трошат милиони евра за задоволување на апетитите на функционерите.