28/03/2024
Охрид

Црвен крст Охрид со активности и препораки за Водици

Во рамки на одбележување на големиот верски празник Богојавление-Водици и Денот на рибарите, Црвен крст Охрид е вклучен со низа активности од областа на здравствено-превентивната и социјално-хуманитарната дејност.

На 18.01.2019 г. (петок) од 19-23 ч., на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“. Апелираме и препорачуваме до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од 6.5°С.

Традиционалната крводарителска акција „Водици 2019“ под мотото „ЕДНА КАПКА МОЖЕ ДА ПРОМЕНИ СẺ“ во организација на Црвен крст Охрид ќе се реализира на 19.01.2019 (сабота) од 9-15 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Ги покануваме нашите сограѓани и гостите да ја покажат својата хуманост дарувајќи крв, а организаторот во соработка со Дебарско-Кичевската епархија ќе им возврати со должно внимание и скромни подароци.

За настанот на осветувањето на водата во Охридското езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште во Охрид на 19.01.2019 (сабота), Црвен крст Охрид ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со 4 тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште, 2 тима на спасители на вода во два спасителни чамци и 4 нуркачки тимови, како и со 7 медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило.

На денот на рибарите на 20.01.2019 (недела), тимовите за логистика на Црвен крст Охрид ќе распределат дел од рибината чорба во семејствата со социјален ризик во Охрид како и на лица со хендикеп и стари лица кои не се во можност да присуствуваат на овој настан.

Црвен крст Охрид до сите оние кои ќе бидат дел од настанот за одбележување на празникот Богојавление-Водици на Градското пристаниште во Охрид упатува апел за почитување на следните препораки:

Со оглед на ниската температура на водата во Охридското езеро – (кај пристаништето 6.5°С), релативно ниските температури на воздухот кои се најавуваат за 19.01. (околу 5°С), југозападен ветар со брзина од околу 10 км/h езеро, се повикува на исклучително високо внимание и претпазливост на оние кои ќе се решат да влезат во водите на Охридското езеро:

  • Да не влегуваат во вода доколку чувствуваат слабост или имаат било каков здравствен проблем
  • Оние што ќе влегуваат во вода, во неа да се задржуваат кратко (не подолго од 5 мин.)

Во вода телото се лади десетина пати побргу отколку во воздух, особено при зголемени телесни активности.

  • Никако да не конзумираат алкохол пред влегување во вода, а да конзумираат топли безалкохолни напитоци – чај

Алкохолот рапидно го забрзува намалувањето на температурата во организмот.

  • Да носат обувки при влегувањето во вода
  • Да имаат сува и топла облека по излегувањето од вода

За сите кои ќе бидат дел од настанот на Градското пристаниште на копно, се препорачува:

  • да облечат повеќеслојна облека
  • да конзумираат топли безалкохолни напитоци – чај