Црвен крст Охрид со низа активности насочени кон превенција и заштита од срцево-садовите заболувања

Во рамки на своите здравствено-превентивни активности, а како дел од одбележување на Неделата на срцево-садови заболувања (21-28 февруари), Црвен крст Охрид организира низа активности насочени кон превенција и заштита од срцево-садовите заболувања. Во соработка со Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања во Охрид на 24.02.2020 г. (понеделник) со почеток во 11 ч. во просториите на Црвен крст Охрид д-р Виолета Мојсовска, ќе одржи предавање за превенција, третман и лекување на болестите на срцето и крвните садови.

Срцево-садовите заболувања се водечка причина за смртност во светот. Според податоците на Светстката здравствена организација, секоја година од болести на циркулаторниот систем умираат околу 17 милиони луѓе. Во Европа околу 50% од сите смртни случаи, се предизвикани од овие заболувања. Се повеќе заболуваат лица под 65 години возраст, односно лица во најпродуктивниот период од животот. Доколку не се превземат соодветни мерки до 2030 г., 23,6 милиони луѓе, секоја година ќе умираат од срцево-садови заболувања (главно од срцеви и мозочни удари).

Статистичките податоци за Македонија покажуваат дека и кај нас срцево-садовите заболувања се водечка причина за смрт.

Здебеленост, неправилна исхрана, пушење и физичка неактивност се главните причини за болестите на срцето и мозочните удари кои можат да се забележат во се помлада возраст. Таквите нездрави навики и животен стил се се почести меѓу децата и адолесцентите. Токму тоа е период кога со навремени и соодветни постапки може да се насочи развојот на детето во зрела личност, одговорна за своето здравје, здравите животни стилови и со фактори на ризик сведени на најмала можна мерка.