23/04/2024
Македонија

Чулев: Мојот став е дека МВР треба да функционира единствено врз принципите на професионалност, неселективност и законитост, тоа граѓаните го заслужуваат

“Во текот на изминатите денови на територијата на целата држава се спроведуваше одлуката за ограничување на движењето на граѓаните. Согласно, одлуката донесена од страна на Владата истата беше концепирана со различен тип на ограничување кое важеше за различни групи на општини на територијата на државата. Одлука која, како што претходно напоменав, во многу сегменти имаше мани и недостатоци, но задача на Министерството за внатрешни работи е нејзино доследно спроведување, а обврска на граѓаните беше нејзино почитување“.

Ова, меѓу другото го истакна министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на почетокот од денешната прес конференција во МВР, а посветена на активностите на полициските службеници во спроведувањето на мерките за справување со епидемијата од “ковид-19“ во текот на изминатите три дена.

Притоа министерот Чулев пред презентирањето на статистичките показатели изрази задоволство и благодарност до полициските службеници за високото ниво на исполнителност и одговорност што го покажаа во текот на изминатиот продолжен викенд, како и до граѓаните за исто така високото ниво на свесност и совесност во почитувањето на мерките.

“Во текот на изминатите неколку денови, почнувајќи од четвртокот од 21 часот, заклучно до денес до 05 часот од страна на Министерството за внатрешни работи на територијата на целата држава констатирани се вкупно 622 непочитувања на одлуката на владата за ограничување на движењето, најголемиот дел од нив – 340 се констатирани на територијата на секторот за внатрешни работи во Скопје. Вкупно, до сега констатирани се 5397 прекршување на одлуките за ограничување на движењето на граѓаните од нејзиното воведување“, нагласи министерот Чулев.

Во однос на уредбата за задолжително користење на заштитна опрема, според презентираните бројки, констатирани се вкупно 1777 непочитувања на истата, најголемиот дел од нив на подрачјето на СВР Струмица каде што констатирани се 417 непочитувања и на подрачјето на СВР Охрид – 356. Вкупната бројка на констатирани непочитувања на оваа уредба до сега е 8.180 и за сите тие случаи како што посочи Чулев, се изготвени соодветни поднесоци.

Исто така полицијата во соработка со Драѓвниот пазарен инспекторат учествуваше во вкупно 1.543 контроли во угостителски објекти при што констатирани се вкупно 22 непочитувања: 18 на територијата на СВР Охрид и 4 при СВР Струмица. Истовремено, како што потенцираше министерот Чулев, во посчениот период издадени се вкупно 1648 решенија за изолација и потпишани се 584 изјави за самоизолација, а МВР извршило вкупно 8701 контрола по основ на самоизолација и на изолација.

“Бројките кои претходно ги споменав говорат за исклучително голем обем на работа и исклучително високата посветеност од страна на полициските службеници. И токму таа посветеност наместо да биде соодветно валоризирана многу често е злоупотребена во политички цели. Дозволете ми на денешната прес конференција да апелирам до јавноста, но и сите политички структури во државата да се воздржат од неосновани напади кои нанесуваат штета на полицијата“, нагласи Чулев.

Тој, покрај ова, изрази разбирање за револтот на граѓаните од одлуките со кои се ограничува нивното движење, притоа истакнувајќи дека граѓаните треба да се свесни оти сето тоа се прави со цел да се заштити нивното здравје. “Ваквите одлуки се носат од страна на комисија за заразни болести во која учествуваат стручни лица и доктори, а полициските службеници, односно Министерството за внатрешни работи имаат задача и обврска да го контролираат нивното спроведување“, нагласи министерот Чулев.

На крајот осврнувајќи се кон критиките односно нападите упатени до него, министерот Чулев истакна дека – “од првиот ден како Министер за внатрешни работи мојот став е дека МВР треба да функционира единствено врз принципите на професионалност, неселективност и законитост, затоа што тоа граѓаните го заслужуваат. И во суштина во изминатиот период тоа се покажа во пракса, во најголем дел успешно ги спроведовме одлуките на Владата, а со тоа го заштитивме здравјето на граѓаните. Грешки и пропусти има и тие се дел од работењето, но лошо е кога грешките се случуваат поради опструкции, несоработка и постапување по партиски директиви. Да бидам искрен исклучително тешко една моја идеја, замисла или директива да се спроведе во пракса, без да наидам на многу опструкции во Министерството за внатрешни работи, но и од страна на Владата“, рече Чулев.

https://www.youtube.com/watch?v=JGvrFl06Kdw&feature=emb_title