19/04/2024
Охрид

Дебата за заштита на индустриската сопственост

Во организација на Државниот завод за индустриска сопственост и општина Охрид, денеска се одржа средба со стопанственици од Охрид, Струга и Дебрца. На средбата се разговраше за заштитата на правата од индустриската сопственост и нивното спроведување. На почетокот, пред учесниците се обрати градоначалникот Јован Стојаноски.

„Уверен сум дека со организирањето на вакви средби стопанствениците имаат можност директно да се запознаат со важноста на заштитата на правата од индустриската сопственост и постапките кои се спроведуваат преку Државниот завод за индустриска сопственост. 

Македонските граѓани се иновативни во однос на земјите од регионот и Европа, со кои има приближен број на население.Според официјалните податоци,бројот на пријавите за патенти на национално ниво, секоја година расте и споредено со државите од регионот е на задоволително ниво.  Сепак, домашните иноватори, поради скапите постапки, сеуште се далеку од меѓународна заштита на нивните пронајдоци.

Основната смисла на заштитата на индустриската сопственост е поттикнувањето на техничко-технолошкиот дух и воопшто на стопанскиот развој, но и уредување на конкурентните односи меѓу правните субјекти втемелени на општестено-моралните и развојно прифатливи критериуми. Во тој процес, се обезбедува правна заштита на креативниот дух и развој на сите области во економскиот развој.

Сме имале, имаме и ќе имаме врвни креативци и иноватори. Наши сограѓани добивале високи домашни и странски признаија. Ширум светот има млади охриѓани кои иновирале нано очила за хируршки зафати, работат во најпознатите генетски или комуникациски лаборатории или се професори на престижни универзитети. Во Вашие компании , почитувани стопанственици имате креативци кои ги унапредуваат бизнисите. Убеден сум дека, со заедничка упорна и посветена работа,  сите тие потенцијали ќе ги ставиме во функција на побрз економски развој на Охрид и Република Македонија- рече градоначалникот Јован Стојаноски.

По презентациите, се разви дебата  за надлежностите на Државниот завод за индустриска сопственост и постапките за заштита на трговска марка, индустриски дизајн и географски назив.

Државниот завод, во рамките на одбележувањето на 25- годишнината од основањето, на плоштадите во Охрид и Струга има поставено штандови, на кои граѓаните денес и утре ќе можат да се запознаат со постапките за заштита на индустриската сопственост.