20/04/2024
Дебрца

Дебрца домаќин на „Ѓомлезијада“

Со посебна прес-конференција и свечено отворање во „пет до дванаесет!“ часот, жителите на општина Дебрца, во недела, 21 јули, отвораат уште една манифестација – „Ѓомлезијада“, во селото Годивје, токму од просторот за кој некој наумил да гради регионална депонија.

Во 8 часот наутро, манифестацијата започнува со правење на народниот, локален, специјалитет – ѓомлезе, меѓу населението познато јадење и како тури – потпечи. Манифестацијата е од натпреварувачки карактер.

Според програмата, 20–ина припаднички на понежниот пол, од сите села на општина Дебрца, со своите реквизити – сач и пирустија, како и другите потребни садови и алатки, ќе подготвуваат ѓомлезе според личен рецепт, додека организаторот обезбедува брашно, зејтин, сол и дрва.

Во дегустацијата, оценувањето и одбирањето на победници за најдобро направено ѓомлезе, транспарентно, ќе учествуваат сите посетители, по што следи доделување на наградите – за прво, второ и трето место.

За целото време, гостите ќе ги забавуваат фолклорни групи, како Група Прима Бенд, Елена Јовческа, Дарко Стојаноски, Спасе Матлиоски и други.

„Дебрца се буди: Со секојдневни случувања ќе се бориме за борбена и еколошки чиста Дебрца. Изминатата сабота, во Црвена Вода, организиравме Поетско – музички хепенинг, паралелно, со отворање „Спомен соба“ и поставување „Спомен обележје“ на родната куќа на бардот на македонската литератира за деца и млади, Ванчо Николески. Во тек се активностите од 34-та, по ред, Ликовна колонија „Дебрца – 2018“, чии учесници во недела ќе творат во Црвена Вода, а еве сега, уште една манифестација во Годивје, за што на организаторите им честитам и ги охрабрувам да им биде традиционална.“ – напиша на својот ФБ профил Веле Митаноски, новинар, публицист и активист од теренот на општина Дебрца.