29/03/2024
Спорт

Дефинирани идните чекори и активности околу изградбата на Домот на спортовите и Олимпискиот дом на МОК

Во просториите на Владата на Р.С. Македонија, денеска, се одржа работна средба со учесниците во изградбата на Домот на спортови во Скопје. Средбата ја водеа советниците за спорт на премиерот Заев, Ѓорги Тасев и Даниел Димевски, а присутни беа и претседателот на МОК, Васил Тупурковски, директорот на АМС, Дарко Каевски, градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин и претставници од АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост – Скопје.

На работната средба се разговараше за нивото на досегашните исполнети обврски, но и за следните чекори кои треба да се преземат околу административните процедури и постапката за изградба на Домот на спортовите и Олимпискиот дом, како и за активностите кои ќе ги понуди овој спортски комплекс во чии рамки ќе бидат и Олимпискиот дом, базен, отворени игралишта и фитнес зона.

На средбата беше заклучено дека ова е клучен проект во делот на спортската инфраструктура со цел обезбедување услови за непречена работа и функционирање на спортските федерации. Домот на спортовите ќе се гради на територија на општина Аеродром и за таа намена во првата фаза се обезбедени 75 милиони денари од Буџетот на Р.С.Македонија, а останатите средства ќе бидат обезбедени преку Македонскиот олимписки комитет.

Во рамките на овој процес, планирана е и консултативна средба со федерациите во врска со овој значаен објект, со кој се остава траен белег во делот на спортската инфраструктура.