20/04/2024
Охрид

Дефинирани реоните за големата еко-акција за чистење на градот „Мој Охрид, чист Охрид“

Потегот од населбата Воска до хотелот „Десарет“ ќе биде поделен на 8 реони во рамките на големата Еко акција „Мој Охрид, чист Охрид“, за чистење на крајбрежјето на градот во пресрет на туристичката сезона.

„На овој начин групите кои ќе ги чистат плажите ќе можат поефективно да го исчистат својот реон и ќе може полесно подоцна да се собере ѓубрето од страна на одговорните лица. Првиот реон е комплетно чистење на плажата кај Воска, следен реон е Стариот град, потоа потегот од мостот до плажата „Golden Beach“, потоа до „Славија“, зона 5 е од „Славија“ до хотел „Гранит“, потоа до хотел „Метропол“, зона 7 е од хотел „Метропол“ до плажа „Атлантис“ и последниот реон е до Пештани и хотел „Десарет“. За сите учесници се обезбедени вреќи, вода и ракавици, а посебни екипи на охридскиот Црвен крст со медицински ранци ќе се при рака при евентуални поситни повреди. Исто така е обезбеден превоз до поралечните плажи,“ – информираат организаторите.

Акцијата која ќе се одржи во сабота, на 9-ти јуни е иницирана од Супер радио, со поддршка на локалната самоуправа, бизнис секторот, охридските медиуми, еколошките и спортски друштва од Охрид.

„Основната идеја е да се анимираат граѓаните на Охрид, посебно учениците од сите основни и средни училишта во градот за чистење на централниот дел од градот. Особен акцент ќе им се даде на плажите, каде е најголемата фреквенција на туристи во пресрет на главната туристичка сезона. Огромно е задоволството за нас што не наидовме на затворена врата секаде каде се обративме за поддршка на акцијата. Спортски, еко друштва, студенти, средношколци се нашите партнери во акцијата. Она што е особено важно е што акцијата би сакале да ја прифатат сите и во сабота да дојдат на една прошетка по плажите со семејството и сите заедно да помогнеме и со дружба да направиме Охрид да блесне во целата своја убавина пред оваа туристичка сезона,“ – велат од Супер радио.

Додаваат дека во акцијата активно ќе се вклучат и нуркачите од клубот за подводни активности „Охрид“, кои ќе го чистат дното на Охридското Езеро на потегот пред селото Пештани.

Сите заинтересирани дополнителни информации можат да добијат на Официјалната група на Facebook на настанот, на која можат и да го пријавуваат своето учество.