28/03/2024
Струга

Делата на Старова и натаму хит на Балканот и Европа: Во Тирана објавен романот “Емигрирање на јагулите”

Позната издавачка куќа ,,Поетека’’, од Тирана, го објави на албански јазик, романот “Емигрирањето на јагулите” од Луан Старова.

Досега, овој роман, под наслов “Патот на јагулите” е објавен на македонски, француски и англиски јазик, додека на руски јазик е објавен под наслов “Водена пирамида”.

Француското издание на романот, со предговор на познатиот филозоф и социолог Едгар Морен, а со поговор на писателот Ерик Фај, доживеа убав прием кај париската книжевна критика.

Во романот е препознаена глобалната метафора за спасот на Охридското Езеро, констатираат водечките книжевни магазини.

Гонкуровецот Морис Дрион за романот, меѓу другото, пишува: ,,Патот на јагулите ја означува вековната трагедија: на постојано растргнуваните народи, со откорнати семејства и со неизвесни надежи. Авторот се надоврзува на мудрите на Балканот, кои ја наслушнуваат ова болка, откривајќи ја нејзината поетска димензија.’’

Според Предраг Матвејевиќ, романот “Патот на јагулите” на Старова е едно од досега најдобро напишаните книжевни дела за разбирање на балканските граници, предадено низ метафората на мигрирањето на јагулите.

Парискиот книжевен критичар Жаб-Марк Морандини, истакнува:,,Луан Старова продолжува и со овој роман да ја пишува својата “Балканска сага”, која е веќе дел од големите европски романи.’’

Романот “Патот на јагулите” (првото издание на македонски јазик е пред дваесетина години) и натаму привлекува со својата актуелност, поврзана со историјата и спасувањето на Охридското Езеро.

Нарушениот вечен пат на јагулите (од Охрдското Езеро и назад низ новата генерација), ќе биде првиот удар на човекот против реткиот природен феномен.

Овој роман е еден од последните ,,крикови’’, како да се спаси тоа што останало од Охридското Езеро, прека моќта на книжевната метафора.

Едната од ,,котите” на спасот не води во Музејот на “Незлобински”во Струга, во кој е сочувана живата меморија на Езерото. За жал и таму, експонатите, денес неадекватно заштитени, ги нагризува забот на времето.

Веле Митаноски