29/03/2024
Охрид

Ден по отворањето на седмото издание „На зајдисонце“ во Трпејца

Ден по свеченото отворање седмото „На зајдисонце“ во Трпејца продолжи со атрактивниот настан „Променада со кајче по езерото“ на која во две кајчиња кои пловеа пред бисерниот брег музицираа ученици од ОМУ „Методи Патче“ од Охрид. Ана Матеска – флејта, Никола Тодороски – виолина, Наум Палоски – кларинет и Христијана Матеска – хармоника. Тоа се ученици кои зад себе имаат награди од општински до државни и меѓународни натпревари. Концертот пред бројна публика го повторија и на сцената „Кај Бунарот“.

Истата вечер беше поставена и изложбата ЗАЕДНО на која беа претставени фотографии на учесници на манифестацијата ДЕНОТ НА ДРИМ во мај, годинава во организација на здружението „За Трпејца со љубов“ и „Интелектуална жена“ од Поградец, Албанија. Во Трпејца беше присутна делегација од Здружението од Поградец, а во нивно име присутните ги поздрави претседателката Шпреса Блачери која ја потенцираше неопходноста од континуирана соработка меѓу двете здруженија и желбата и за реализација на нови проекти.

Вчера, недела беше резервирана за традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“, а вечерта се претставија седумте ученици од Подрачното училиште „Св. Наум Охридски“ од Трпејца заедно со нивната учителка Лила Каранфилоска. Под наслов: „И ние можеме“ таа преку видео презентација ни ги доближи низата европски проекти на кои вредно работеа преку цела година со учениците со што ја потврдија максимата дека не е важно каде сте, туку какава и колкава е вашата желба за успех и знаење. На пријатно изненадување на сите присутни синоќа Саш Видоски од ВИ КОМЕРЦ – Охрид соопшти дека на училиштето во Трпејца ќе му донира музички дидактички средства.

Синоќа по трет пат на зајдисонцето, годинава со презнетации за хепатит и ХИВ – СИДА озаглавена како: „Информацијата е најдобра превенција“ се претставија активистиките од Здружението ОПЦИЈА Јулијана Настоска, Силвана Ереш и Бети Калајџиеска – Стојкоска.

Денеска под раководство на актерката Марија Новак започна театарската работилница на која децата учат да глумат текстови од приказните за Итар Пејо.

Доколку дозволи времето попладнево ќе се одржи подготовката за утрешниот мал пливачки маратон, а вечер како централен настан е предвидена поетската вечер: „Поетите за езерото и водата“ со Марина Димовска“. Утревечер во рамките на филмската вечер ќе бидат прикажан документарецот „Од Трпејца преку Заум до Св. Наум“од Томе Љушев – Шпанец.

Сите приредби во Трпејца се бесплатни, се одржуваат на отворено, а културно – забавното лето е помогнато од Општина Охрид и Министерството за култура на РМ.