19/04/2024
Македонија

Денови на театарот во Ресен

Со претставата „Принцот Жаба“ на театарот „Крик“ од Скопје, започнаа деновите на театарот во Ресен. Публиката од овој град, но и од цела Преспа, во наредните денови ќе има можност да погледне уште три театарски претстави.

„Во полн ек е одржувањето на голем број настани од областа на културата во Ресен, но и на територијата на цела Преспа. Деновите на театарот во понеделник, на 18 септември, продолжуваат со претставата „Кокошка“ на Народниот театар од Битола, во вторник ни гостуваат познатите охридски актери Никола Тодоровски и Стрезо Стаматовски со кабаре-комедијата „Од две мајки браќа“, а веќе во среда гостува уште еден театарски ансамбл. Станува збор за театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, кои ќе ја изведат претставата „Обзрни се во гнев““, рече директорот на Домот на културата „Драги Тозија“, Васко Василевски.

Сите претстави се одржуваат во кино салата во Ресен, која работи во состав на Домот на културата „Драги Тозија“, со почеток од 20 часот. До одржувањето на Ресенскиот јаболкобер, од Домот на културата „Драги Тозија“ најавуваат уште голем број културни настани, а веќе ги реализираа Преспанските ликовни мотиви, на кои ликовните уметници твореа во Претор, покрај Преспанското Езеро.