20/04/2024
Охрид

Дескоска учестуваше на Почетниот состанок на Асоцијацијата на алумни од Западен Балкан

Министерката за образование и наука, Рената Дескоска, учестуваше на Почетниот состанок на Асоцијацијата на алумни од Западен Балкан, кој овие два дена се одржува во Охрид.

„Визијата за создавање на организација, која е независна и е дел од студентското движење на Балканот е водилка за подобрување на условите за студирање во Вашите земји, но и блиската соработка помеѓу студентите и професорите“, истакна Дескоска, напоменувајќи дека студентската идеја за модернизација на високото образование, како и подобрување на вештините на студентите, придонесува за приближување кон Европа и Светот.

„Преку мобилноста, студентите ги збогатуваат своите познавања, стекнуваат нови вештини и голем број на пријателства од различни култури. Кога овие студенти се враќаат дома, тие овие искуства ги пренесуваат назад во општество и нудат нешто поразлично на универзитетите, бизнис секторот, граѓанските организации, па и во јавната администрација“, потенцираше Дескоска.

„Особено е значајно кога овие личности стекнуваат повисоки академски звања на реномираните универзитети, и се враќаат и ги пренесуваат овие знаења на студентите дома, затоа што само со развој на науката и образованието, општеството може да просперира“, истакна Дескоска.

Обраќајќи им се на присутните студенти, министерката за образование и наука, напомена дека нивната определба за зближување, нам како министерства ќе не поттикне за поблиска соработка меѓу државите.

„Вие сте клучната алка во герданот на соработка. Вие сте тие кои треба да го променат и придвижат светот околу Вас, на подобро, кон светла иднина за сите граѓани во државите од каде што доаѓате, но и за регионот. Соработувајте меѓу себе, бидејќи така ќе се изградите како личности кои ќе бидат препознаени како авангардни, бунтувајте се за сите неправди, но бидете и реални во исто време. Иднината останува на Вас, а Вашата идеја за нас ќе биде патоказ по кој треба да градиме модерно и современо високо образование, кое нема да нуди само факултетска диплома, туку со себе ќе носи и товар на наученото и стекнатото“, рече Дескоска во своето обраќање.

На настанот учествуваат околу 300 учесници во високото образование, студенти и алумни, претставници од министерства од регионот на Западен Балкан, ректори на универзитети, унии на студенти, како и официјални претставници на ЕУ и претставници на бизнис заедницата.

Целта е да се воспостави една моќна унија на студенти од регионот на Западен Балкан со цел за да се поддржи модернизацијата и да се подобри квалитетот на високото образование во регионот, но и да им се помогне на младите луѓе во нивниот академски и кариерен развој кон нивно успешно вработување.

Настанот е во организација на Aсоцијацијатa на алумни од Западен Балкан, која претставува непрофитабилна, невладина организација што ги почитува принципите на демократија, кохезија, солидарност и еднаквост помеѓу студентите од регионот на Западен Балкан, односно од земјите Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија.