19/04/2024
Охрид

„Девојчето со жиците“ –драмска понуда на „Охридско лето“

Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва продолжува со театарската претстава „Девојчето со жиците“ од Марјан Нечак и Маја Хрговиќ, копродукциски проект на  Словенечкиот народен театар СНГ Драма Љубљана и Подвижен Музички театар од Битола. Претставата ќе се одигра на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 21 часот.

„Девојчето со жиците“ е современа драмска опера за виолинистка кој патува со воз низ Европа. Преку нејзиното патување, се исцртува приказната за нејзиниот живот.  На почеток, таа е девојка која сонува и сака да стане славен музичар, но татко ѝ ги потрошил парите за нејзиното школување. Подоцна, таа е зрела жена која сè уште трага по нејзиното место под европското небо, откако целиот свој живот го минува како улична музичарка. Сѐ е на купче. Ја натежнала тешката економска ситуација, комплицираниот однос со пропаднатиот татко, потрагата по место во современа Европа, која сѐ повеќе е социјално исклучувачка, „испредена“ со бодликави жици, ѕидови и секакви ограничувања.  Приказната е универзална и е потсетник на позицијата на бројните надарени поединци, кои и моментално бараат засолниште во кое ќе можат да ги развијат своите потенцијали.

Оваа интимна драма, поставена во позадината на општествените случувања во современа Европа, се одвива на границата помеѓу реалниот свет и сонот. Меѓу препознатливите, но често непријатни ситуации на граничните премини и станици, спомените и визиите во кои се преплетуваат, времињата и јазиците, музиката и поезијата, горчината и убавината на животот.

Улогите во претставата „Девојчето со жиците“ ги играат Барбара Церар, Урош Фурст и Бранко Штурбеј. Автор на стиховите во претставата е  Ана Бунтеска. Дарја Доминикуш е драматург, костимограф е Наташа Филиповиќ, а кореограф: Жигањ Крањчар. Музиката, сценографијата и светлото се на Марјан Неќак.

Марјан Неќак роден e во Битола 1976 година. Со музика почнал да се занимава од најраното детство. Завршил основно и средно образование во Битола (контрабас и соло пеење), воедно компонирајќи многу дела уште во тој период. Од 1996 работи во Битолскиот театар како композитор. Од 2003 г. е вонреден професор по предметот сценско пеење – интерпретација, на факултетот за Драмски уметности во Скопје. Пишува авторска музика за драмски, оперски, балетски претстави, мјузикли, филм, телевизија и различни перформанси, интегрирајќи ја притоа на многу препознатлив, авторски начин електронската музика со балканскиот фолклор. Како логична последица на своето творештво и режисерска дејност во 2015 г. во Битола Неќак го основал Moving Music Theatre (MMT). Преку современиот музички театар тој има за цел да ја опфати оперската форма, визуелните уметности и едукативните проекти наменети за меѓународната публика ширум светот. Неговите композиторски трудови се виско оценувани на повеќе од 40 фестивали во Македонија и светот. Од 2013 г. се занимава и со режија.

Има добиено осум награди за авторска сценска музика на фестивалот „Војдан Чернодрински“, награда за најдобра музика на Меѓународниот фестивал „Мала сцена“ во Риека, награда за најдобра филмска музика на филмскиот фестивал во Монтреал и многу други.