Димитров на Меѓународната конференција за слобода на медиумите во Лондон

Делегацијата на Владата на Република Северна Македонија составена од министерот за надворешни работи, Никола Димитров и министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски на покана на Владата на Обединетото Кралство, денеска и утре престојуваат во работна посета на Лондон.

На првиот ден од Конференцијата за слобода на медиумите, шефот на владината делегација, МНР Димитров, се обрати на панелот „Слободата на медиумите во Западен Балкан и нови начини на работа“, на кој заедно со британскиот министер за Европа и Америка, Сер Алан Данкан и претставници на медиумите и на граѓанскиот сектор од регионот на Западен Балкан дискутираа за предизвиците со кои Регионот се соочува во сферата на медиумите.

Министерот Димитров се осврна на промените и конкретните мерки кои Владата ги презеде и воведе во поглед на подобрување на слободата на медиумите, преку зголемена транспарентност и отчетност кон медиумите и кон граѓаните, креирање услови за работа на медиумите во слободна и компетитивна средина преку отворената и критичка политичка дебата и зајакнато критичко медиумско известување, што е соодветно нотирано во Извештајот на Европската комисија и во извештајот на Стејт Департментот за човекови права. 

Цитирајќи го американскиот државник Адлај Стивенсон: „Слободните медиуми се мајка на сите слободи и на нашиот напредок во слободата“, МНР Димитров потенцираше дека Владата ќе продолжи одговорно да работи на креирање услови за слободата на медиумите, бидејќи на неа лежи главната одговорност, но ја истакна и одговорноста на новинарите и на уредувачките совети да работат согласно професионалните и етичките стандарди.

Утре (четврток, 11 јули 2019 год.), на вториот ден од Конференцијата, министерот Димитров ќе биде говорник на панел-дискусијата „ Што можат да сторат Владите за да ја зголемат медиумската одржливост?“. Тој исто така ќе учествува и на пленарни сесии и работна вечера во организација на домаќинот и ко-организаторот на Конференцијата, односно со министрите за надворешни работи на Обединетото Кралство и на Канада, Џереми Хант и Кристиа Фриланд.

Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, пак, утре ќе има свое обраќање во рамките на Националните изјави, а ќе учествува и на тркалезна маса: „Кампања за слобода на медиумите: кон 2020 – одржување на влијанието“

Меѓународната конференција за слобода на медиумите, којашто за прв пат во ко-организација на Обединетото Кралство и Канада оваа година се одржува во Лондон, а следната година ќе се одржи во Канада.


Во прилог ви го пренесуваме интегралниот текст од обраќањето на МНР Никола Димитров:

„Ви благодарам за поканата и за организирањето на оваа глобална конференција како и за оваа панел дискусија за нашиот регион. Ќе се обидам да се задржам во рамки на четири минути покривајќи четири аспекти од ова прашање.

Сметам дека ова е веројатно најважниот проблем со кој се соочува регионот. Сите знаеме дека без информирани граѓани не постои демократија. А без слободни медиуми нема информирани граѓани. Мој омилен цитат на оваа тема од американскиот државник Адлај Стивенсон, гласи: “Слободните медиуми се мајка на сите слободи и на нашиот напредок во слободата“. А каде стоиме ние? Гледам дека постои тензија меѓу новинарите околу масата и владините претставници. Јас, самиот, сум случаен политичар. Бев дипломат и активист, а веќе две години сум министер за надворешни работи на Северна Македонија.

Ние ја научивме лекцијата на потешкиот начин, од кризата се роди решителност за подобрување, живеевме во средина во која се прислушуваа 20.000 граѓани во земја од 2 милиони жители и каде што сериозните индиции за масовна злоупотреба на власта всушност не се објавуваа по националните телевизиски мрежи од тој период.

Јавниот сервис пак го прекина емитувањето на нападот на Собранието што се случи во април 2017 година, настан што веројатно беше најцрниот ден за македонската демократија од 1991 година.

Очигледно е дека како Влада постигнуваме напредок и можам да го цитирам овогодинешниот извештај на Европската комисија што вели: „ Климата за слободата на медиумите и слободата на изразување е подобрена, со поотворена политичка дебата и по критичко известување во медиумите. Потребни се дополнителни само регулативи за да се подобрат професионалните стандарди и квалитетот на новинарството.” 

Воведовме забрана на владино рекламирање. Претходната влада се плеткаше на медиумскиот пазар до 60% со употреба на парите на даночните обврзници и сѐ уште ги чувствуваме искривените влијанија од таквите постапки. Создаваа рејтинг на ТВ канали што главно се заснова на спортски натпревари и ТВ серии. Ова е ситуацијата со која мораме да се справиме.
Затоа наметнавме забрана за трошење на јавните средства за рекламирање преку медиумите. Воедно значително ја подобривме транспарентноста на владата. Авионските карти и хотелските сметки на мојот претходник беа класифицирани. Уште во првата недела како министер декласифицирав сѐ, сѐ е на отворено и во поглед на моето министерство и кај другите министерства на Владата.

Го сменивме однесувањето при што за разлика од минатото кога одвај се одржуваа политички дебати, дури и во предизборниот период, сега, на неодамнешните претседателски избори имавме 8 телевизиски дебати меѓу прво тројцата, а потоа во вториот круг, двајцата кандидати.

Ги субвенционираме печатените медиуми на рамноправна, фер основа затоа што очигледно е тешко да се одржат на комерцијална основа. Ние сме веројатно единствената земја од Западен Балкан каде што јавниот сервис, и тука го цитирам извештајот на „Репортери без граници“, сѐ уште работи во интерес на претходната владејачка партија, во интерес на опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ. И не е ни чудо што законодавните напори за реформи беа блокирани од оваа партија во Собранието. Значи дали е ситуацијата одлична? Не. Има ли напредок? Да. Треба ли да се прави повеќе? Да. 

И последно, одржавме референдум за договорот околу името со Грција на 30 септември минатата година. Следниот ден се појави “вест” со лажна оставка во мое име. И наводно беше потпишана од мене. Оваа лажна оставка беше објавена од вообичаено угледна телевизиска куќа без претходно да се консултира со мене дали е тоа вистина или не. 

Значи поентата ми е дека владите имаат одговорност, и тоа веројатно најголемиот дел од одговорноста лежи кај нас, но сакам да ја истакнам и одговорноста на новинарите и на уредничките политики да работат во согласност со постоечките етички кодекси, да ја проверуваат веста и со другата засегната страна. Мислам дека нема да успееме како регион ако немаме слободни медиуми. Ние тоа го научивме во 2015 и 2016 година во текот на кризата на неказнивост“.