28/03/2024
Македонија

Директорот Танаскоски на состанок со амбасадорот на Холандија во Македонија

Денес во просториите на Царинската управа беше остварена средба меѓу директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски и амбасадорот на Кралството Холандија Вилем Ваутер Пломп.

На средбата беа истакнати придобивките од досегашната успешно спроведена билатерална соработка помеѓу царинските служби на Холандија и Македонија, која датира од 2003 година и на заедничко задоволство се констатираа резултатите од десетгодишната соработка во периодот 2003-2012, со којa се даде поддршка во унапредувањето на царинските постапки кај увозот за облагородување, економски ефект и акцизни добра, унапредување на работата на царинската лабораторија, како и воспоставувањето на систем за адекватна заштита на правата на интелектуална сопственост и соработката со Управата за јавни приходи и други инспекциски органи.

По презентирање на тековните и претстојните приоритетни и стратешки активности на Царинската управа беа разменети предлози за идни заеднички делувања во рамки на билатерална соработка и нејзиното проширување, во однос на идно учество на Царинската управа на Холандија во идните твининг проекти на Царинската управа, поголемо учество во МАТРА програмите за обука и поддршка во процесот на европска интеграција.