28/03/2024
Спорт

Добринко Илиевски е селектор на Македонија до 21 година, Горан Станковски на репрезентацијата до 19 години

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија одлучуваше за имињата на селекторите на македонската репрезентација до 21 и 19 години.

Добринко Илиевски е нов селектор на репрезентацијата на Македонија до 21 година, додека Горан Станковски ќе ја преземе селекцијата на Македонија до 19 години.

Добринко Илиевски повеќе од една деценија како фудбалер настапуваше во клубови од Првата македонска фудбалска лига (Балкан, Цементарница, Тиквеш, Осогово), а беше дел од стручниот тим на ФК Македонија Ѓ.П. и ФК Вардар, клубови со кој освои три шампионски титули. Во 1 МФЛ една сезона ја водеше и штипска Брегалница. Илиевски четири години е дел од младинските национални тимови, започнувајќи од репрезентацијата до 15 години, па до Македонија до 19 години.

Горан Станковски е назначен за селектор на Македонија до 19 години. Станковски е поранешен фудбалер од шампионската генерација на Слога Југомагнат, а има големо интернационално искуство како фудбалер во Русија (Сибир), Турција (Дијарбекирспор), Белгија (Антверпен) и Германија (Тенис Борусија).

Тренерската кариера на Горан Станковски е поврзана за ФК Работнички каде бележеше одлични резултати со младите категории, беше избран и за најдобар млад тренер ланската сезона, пред да добие доверба да го предводи и сениорскиот тим на Работнички.