28/03/2024
Писма/Колумни

Додека Владанка го спасува сина си од апс: Има ли некој во ова држава кој ќе ги спаси мештаните од Црвена Вода!?

Почитувани медиуми,

Откако увидовме, дека во оваа држава царуваат економскиот и политичкиот криминал, не ни преостана ништо друго, освен до Вас, а преку Вас и до јавноста, да го испорачаме последниот крик: Има ли некој во ова држава кој ќе не спаси, нас, мештаните од Црвена Вода – од самата држава!?

Имено, од Вас, а преку вас и од пошироката јавност, невладините организации и сите преостанати правдољубиви луге во матичната земја и македонското расејување во светот, бараме содејство за спас, предизвикано од хоротот кој ни го приредува нашата мајчица – Македонија, со тоа што им подлегнува на апетитите на поединци за полнење на личните, односно партиските дисаѓи, на наша сметка, врз нашата мака, нашите средства издвоени за изградба на патот од Ново Село до Црвена вода, сега потполно уништен, речиси неупотреблив, опасен до погибија – за нас кои сакаме да му се порадуваме на воздухот и видикот, онаму каде сме се родиле.

Претходно, се обративме и уште еднаш замоливме, Министерството за економија, кое ги издава концесиите за ископ на минерални суровини, најитно да преземете акција, да формира посебна комисија која на самото место ќе ја согледа состојбата и ќе предложи мерки за надминување на крајно неповолната и по живот загрозувачка состојба со која се соочуваат постојаните жители во селото Црвена Вода, како и сите други кои имаат свои куќи и викендици, а на кои им е загрозена безбедноста во најбуквална смисла.

            Како што Ви е познато, пред повеќе од 3 децении, проектиран, пробиен и пошлунчен е патото, на иницијатива на жителите и Месната заедница од село Црвена Вода. Средствата за зафатот ги обезбедија самите селани, преку самопридонес, на кој начин изградија и селски водовод – со свои средства и работна рака. Подоцна, во 1996 година, патот беше и асфалтиран.

За НАША НЕСРЕЌА, на средината на патот, излезе квалитетен мајдан со чист шљунак, кој со децении се користи при изградбата на станови и други објекти во Охрид и Струга, а во овој момент и при изградбата на автопатот Кичево – Охрид.

Министерството за економија, преку Секторот за минерални суровини, им има издадено концесии за ископ на фирмите Гранит и Бетон од Скопје, како и Побдеа од Ботун, село во општина Дебрца.

Во неколку прилики на просторот затекнавме и други лица, неовластени фирми – без лиценца, како со камиони и ровокопач подигаат материјал. Самоиницијативно ги блокиравме со возила, повикавме полиција, направен е записник, но ништо не е превземено.

Ако годишно, според пресметките на самите фирми, се ископуваат од 30 до 50.000 тони, односно просторни кубици материјал, може слободно да се пресмета колкава количина материјал е превезена по патот, до кој степен е тој уништен, а да не зборуваме за последиците по животната средина.

Ве информираме дека Месната заедница од Црвена Вода, со општина Дебрца и фирмата Гранит, има склучено – потпишано договор, со клаузули околу одржување на патот, но досега не е ништо преземено. Mолeвме, по истиот принцип, да продолжи потпишувањето на таков трипартитен договор и со другите фирми кои го експлоатираат мајданот, односно уништуваат патот, до денеска такво нешто не е направено.

Од друга страна општина Дебрца, во најголем дел, но и Министерството за економија, прибираат средствата кои ги уплаќаат концесионерите, кој од атарот на нашето село подигаат шљунак. Назад за патот не вратен ниту еден денар, речено народкски – ние со СОПСТВЕНИОТ КАМЕН СИ ГО ДОБИВМЕ ПО СОПСТВЕНАТА ГЛАВА!Ние, за патот, без надоместок, дадовме и делови од свои земјишни парцели, односно куќни дворови.

            Ние не располагаме со податок колку вкупно средства се уплатени досега во Буџетот на општина Дебрца, односно Министерството за економија. Во секој случај, тие мора да се во висина на денарска противредност од десетици илјади евра. Но колку и да се, тие средства, цениме дека е ХУМАНО И ЗАКОНСКИ, најголемиот дел да одат во посебен фонд за поправка на патишта и првенствено за поправка на патот кој се уништува, токму од зафатите на фирмите кои уплаќаат средства на име на концесија. Месната заедница и мештаните за тоа немаат никаква информација и отчет.

            Нам, на селаните од Црвена Вода, одземено ни е и уништено, најосновното – сообраќајницата од 4 километри која се издвојува од магистралниот пат Скопје – Охрид, токму она што самите сме си ја направиле и врз основа на нашите маки, сега некој дебело се богати, а никој не не заштитува, ниту ни помага.

Од тие причини, уште еднаш укажуваме,последен пат на овој начин, а ако никој повторно не не слуша во општината и државата, ќе не слушне кога, со протест, ќе го затвориме патот. На тоа имаме целосно право, затоа што не само што сме го изградиле патот.

Ние не знаеме, за кои парцели се издадени концесии, дали концесионерите ги почитуваат клаузулите од договорите на концесијата, со оглед на фактот што, покрај самиот пат, се отворени неколку бази за ископ, се копа речиси по целата должина, надвор од локацијата за која е издадена концесијата.

За несреќата по нас, а биде уште поголема, се врши ископ по самата должинска линија патот, со што се отворени кратери, на неколку места, на само метар од патот, што, во зимски услови, претставува опасност за трагедија – од прв степшен!.

Нашиот последен крик, сакаме да го упатиме и кон Министерството за внатрешни работи, бидејќи по патот, кој е тесен и уништен, кога се качуваме со возила кон селото, во пресрет, со брзина и неодговорно, ни доагаат грамадни возила, кои едноставно не поттурнуваат со својата моќ и дрскоста на возачите.Ние што си го изградивме патот, сега бегаме пред помоќните со пари и тони (во возила).

Почитувани, на овој начин, сакаме да ја ги сензибилизираме јавноста и институциите, а доколку не наидеме и овој пат на разбирање и поддршка, не ни останува ништо друго освен селско востание – со звукот на камбаната да ги повикаме мештаните и од другите села и да се браниме со сите средства кои ни стојат на насполагање.

Сметаме, дека на тој начин ќе ја одбраниме и честа на државата и институциите, државата, која со сите нишани е создавана, токму во нашето село, токму со напорот на нашите родители. Сите селани, без исклучок во партизани, сите жени и девојки, без исклучок, плетачки на чорапи и месачки на леб за партизаните.

Само ќе потсетиме: На 3 октомври 1943 година во Црвена Вода беше изаден Манифестот до македонскиот народ за омасововуање на антифашистичкото востание, првиот документ печатен на македонски јазик. Тука е формиран Иницијативниот одбор за подоцнежното свикување на АСНОМ, тука е извршен изборот на делегатите за заседанието на АВНОЈ, со Црвена В ода се поврзува доагањето на британската сојузничка мисија, функционирањето на партизанската печатница, формирањето на Покраинскиот комитет на СКОЈ, префрлањето на Главниот штаб и на ЦК на КПМ од Лопушник во Црвена Вода, првите диверзантски акции, првата слободна територија – од Ботун до Пресека, првите народно – ослободителни одбори – никулци на народната власт, првите аналфабетски курсеви за описменување на населението, формирањето на батаљонот Мирче Ацев, првата регуларна воена единица, од август 1943, што веќе се одбележува како ден на АРМ.

Имаме се, имаме природни убавини, имаме Спомен соба на НОВ и ПОМ, имаме Спомен соба на Ванчо Николески, родоначалникот на македонското детско литературно творештво, имаме љубов кон родната грутка, но одземено ни е и уништено, најосновното – пристапната сообраќајница, уште и направена со наши раце, со наша пот, со наши пари!!!!

Црвена Вода 29. 12. 2018 година / Месна заедница, Војдин Николески; Претставник за печат: Веле Митаноски

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.