Доделена светската награда за хуманизам на Жан Патрик Конрад од Велика Британија

Во Куќата на Уранија – Научно одделение на МАНУ, вечерва градоначалникот Јован Стојаноски, на Жан Патрик Конрад од Велика Британија му ја врачи годинешната Светска награда за хуманизам. Одлуката за доделување на наградата ја донесе Интернационалното жири на Охридската академија на хуманизамот, со која претседава Јордан Плевнеш. Добитникот Жан Патрик Конрад е професор на Империјал Колеџ од Лондон и претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите.

„Благодарност до Охридската академија на хуманизмот која со доделувањето на Светската награда за хуманизам, во предвечерието на големиот празник Богојавление – Водици, дава огромен придонес за промоција на Охрид и Светиклиментовата традиција во светот. Со овие активности Охрид и Македонија, се презентираат како светска престолнина на хуманизмот, кој уште од времето на Св. Климент Охридски, како ученик на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, заштитници на Европа, ја формирал првата средновековна европска школа на хуманизмот. Годинашниот лауреат на Светската награда за хуманизам, господинот Жан Патрик Конрад, кој се вредува во врвот на светската научна и духовна мисла, од вечерва го чувствуваме како наш сограѓанин кој низ светот ќе ја шири многувековната охридска приказна. Господинот Конрад е дванаесетти добитник по ред на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александар Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот. Почитуван господине Жан Патрик Конрад, дозволете да Ви го честитам добивањето на Светската награда за хуманизам и да Ви ја врачам оваа резбана статуа на Свети Климент Охридски, која уврен сум дека ќе Ви биде трајна инспирација за натамошна афирмација на хуманизмот и освојување на нови творечки и духовни височини.“ – рече градоначалникот Јован Стојаноски.

Заблагодарувајќи се за добивањето на Светската награда за хуманизам за 2018 година и резбаната статуа на Св.Климент Охридски што му ја врачи градоначалникот Стојаноски, лауреатот Жан Патрик Конрад рече дека да се биде хуманист значи нешто да се направи со љубов и се што луѓето можат да создадат.

„Како што сите знаеме, постоеле големи средновековни школи на хуманизмот, од кои најпозната е таа на Св.Климент Охридски- ученикот на Свети Кирил и Методиј, кој проповедаше цивилизација на љубов и разбирање и кој чувствуваше носталгија за единство на културите на човештвото. Гледано во овој контекст, хуманизмот зазема целосно ново значење. Интерконекциите помеѓу различните гранки на знаење, повеќе не се само за уживање, радост и задоволство. Тие стануваат суштински начин за адаптирање на ссопственото однесување кон светот во кој сме вткаени и ја цениме улогата на овој вид разбирање за опстанок на нашиот сопствен вид. Со овој нов императив на хуманизмот, денес како сила за опстанок клучниот чекор беше преземен од страна на Јордан и Лилјана Плевнеш, кои ја основаа Светската академија на хуманизмот и ја лоцираа во Охрид, со што повторно ја обновија древната традиција. Значењето на оваа преродба е уште поголемо, кога ќе се земе предвид колку континенти беа вклучени во повторното основање.“ – рече лауреатот Жан Патрик Конрад.

Претседателот на Интернационалното жири на Светската академија за хуманизам со седиште во Охрид, Јордан Плевнеш, рече дека продолжувањето на традицијата на Светиклиментовата школа на хуманизмот од Охрид ќе се шири кон сите страни на светот.

„Ве прогласуваме Вас господине Жан-Патрик Конрад, Претседателе на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите, професоре на Империал колеџ од Лондон, физичару од светски глас. Бидејќи Вие ја имате таа магична духовна моќ, да верувате дека љубовта може да го спаси светот, оти само Вие знаете да ја претворате физиката во метафизика, во астрофизика, во нуклеарна физика. Во време во кое владее Глобалната тиранија на парите, Вие, со Вашите научни дела, со Вашите предавања на триесеттина светски универзитети, во Вашите романи, драми и стихови. Од вечерва Вам Ви припаѓа Светската награда за хуманизам за 2018 година и Охрид Ве запишува во својата епохална меморија. Не заборавете да го спомнете центарот на светскиот хуманизам. Нарекувајте се Жан-Патрик од Охрид, градот, кој за разлика од сите центри на моќ што се закануваат дека ќе го уништат, верува дека со љубов може да го спаси светот.“ – рече Јордан Плевнеш.

На свеченоста беше истакнато дека ќе се интензивираат активностите за поставувањето на обележјето на Светската академија на хуманизмот, на просторот на малиот плоштад, кај Долна Порта, чиј автор е бугарскиот академик Светлин Русев, еден од добитниците на Светската награда за хуманизам.

This slideshow requires JavaScript.