28/03/2024
Македонија

Доделени грантови во висина од 10,5 милиони евра на 79 компании од првиот јавен повик од Планот за економски раст

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска, заедно со заменикот претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Јован Деспотовски, учествуваше и се обрати на доделувањето на грантови од првиот јавен повик за финансирање на микро, мали и средни претпријатија од Планот за економски раст – 3 столб, настан којшто се одржа во Македонската филхармонија.

Нa oвој прв јавен повик што го распиша Фондот за иновации и технолошки развој, од премиерот Заев, вицепремиерот Анѓушев и директорот Деспотовски, на 79 микро, мали и средни претпријатија им беа доделени грантови во вкупна вредност од 10.5 милиони евра, или 638 милиони денари, средства за поддршка предвидени во Планот за економски раст.

„Денешниот ден некако непланирано се наметнува како симбол на нашата заедничка перспективна иднина, којашто не очекува по зачленувањето на нашата земја во НАТО.

Тоа е иднина на безброј можности, нови инвестиции и иновации. Иднина на економски перспективи којашто силно ќе ги поттикне претприемачкиот дух и креативноста на нашите граѓани“, рече премиерот Заев во своето обраќање пред присутните стопанственици.

Премиерот Заев, во оваа прилика изјави дека денеска е потпишан и договор за државна помош со нова, странска инвестиција, американската компанија Теламон, и најави дека идната седмица, во понеделник следува уште една странска компанија.

Во своето обраќање премиерот Заев најави и втор инвестициски бран за кој Владата презема обврска да обезбеди средства за поддршка на компании кои аплицираа со своите квалитетни проекти за третиот Столб од Планот за Економски раст.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, обраќајки им се на добитниците на грантовите, го изрази своето задоволство што мерките од Планот за економски раст, кои беа креирани за поддршка на македонското стопанство, се покажуваат како вистинско решение и ја исполнуваат целта за која се и наменети.

„Република Македонија со сигурност е богата со човечки потенцијал, кој може да ја развива иновативноста. Мерките од третиот столб на Планот за економски раст, за кои денес доделуваме грантови на микро, малите и средни компании, се креирани токму за да ја поттикнат иновативноста, а со тоа да ја подигнат конкурентноста на македонските компании. Само со повисока конкурентност, нашите компании може да се развиваат, да освојуваат нови пазари и да бидат успешни во светот. Ова е само првиот инвестициски бран, затоа ги поттикнуваме компаниите да развиваат нови проекти и да сметаат на тоа дека во Владата ќе имаат сериозен партнер во нивна реализација“, посочи вицепремиерот Анѓушев.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, пред доделувањето на грантовите на компаниите чии проекти беа одобрени од комитет за одобрување инвестиции при ФИТР, рече дека, инструментот наречен „подобрување на иновативноста“ е отворен за сите видови трговски друштва.

„Посебно сме горди што со овој прв инвестициски бран ќе се отворат нови 245 работни места каде просечната плата ќе изнесува околу 800 евра, а со денешните договори кај компаниите ќе се отворат нови 85 работни позиции“, рече Деспотовски.

Весна Кузмановиќ од компанијата Стратум Рид, една од компаниите добитнички на грантовите, рече дека после две години работа на нивниот проект, конечно е препознаена неговата вредност. Таа изрази голема благодарност за Владата на Република Македонија што има слух да ги поддржи иновациите на македонските компании преку поддржување и вложување во нивните идеи и напредок.

„Ова е потврда на Владата и на Фондот за иновации дека има капацитети и компетенции да препознае високо квалитетни идеи, идеи кои што Македонија ќе ја претставуваат на глобално ниво“, рече претставничката од Стратум Рид.

Премиерот Заев на доделување грантови за микро, мали и средни претпријатија: Вашите квалитетни проекти се поттик за владата да помага уште посилно за нови инвестиции и развој на конкурентноста

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска, заедно со заменикот претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, учествуваше и се обрати на доделувањето на грантови од првиот јавен повик за финансирање на мали и средни претпријатија од Планот за економски раст – 3 столб, кој се одржа во Македонската филхармонија.

Во своето обраќање пред присутните претставници на македонските компании, премиерот Заев истакна дека овој ден симболично ја претставува иднината на Македонија по влезот во НАТО и ЕУ, иднина, како што рече тој, на можности, нови инвестиции и иновации.

Во своето обраќање, тој, меѓу другото рече:

По враќањето од самитот на НАТО и по добивање на покана за членство во Алијансата, што е историска шанса за нашата земја, денеска имам чест да бидам дел од овој прекрасен настан на кој заедно со директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски ќе доделиме грантови во висина од 10.5 милиони евра, или 638 милиони денари, на 79 микро, мали и средни претпријатија, кои аплицираа на првиот јавен повик за финансирање од Планот за економски раст.

Денешниот ден некако непланирано се наметнува како симбол на нашата заедничка перспективна иднина, којашто не очекува по зачленувањето на нашата земја во НАТО.

Тоа е иднина на безброј можности, нови инвестиции и иновации.

Иднина на економски перспективи којашто силно ќе ги поттикне претприемачкиот дух и креативноста на нашите граѓани.

Ова го велам бидејќи денеска во Владата на Република Македонија потпишавме и договор за државна помош со нова, странска инвестиција, американската компанија Теламон.

Идната седмица, во понеделник следува уште една странска компанија.

Почитувани, следуваат убави денови, месеци и години, за граѓаните и за Република Македонија.

Нашата заложба еднакво да ги помагаме домашните и странските инвестиции денеска добива и своја конкретна афирмација и реализација.

Особено сум горд на одличните резултатите од овој прв јавен повик што го распиша Фондот за иновации и технолошки развој, кои покажуваат дека се надминати очекувањата и дека компаниите аплицирале со исклучително квалитетни проекти.

Tоа претставува огромен поттик за нас како Влада да ги продолжиме активностите за поддршка на инвестициите и конкурентноста на компаниите.

Најавувам дека следува и втор инвестициски бран со обезбедени средства од Владата, за поддршка на компании кои аплицираа со своите квалитетни проекти за третиот Столб од Планот за Економски раст.

На компаниите добитници на државната помош сакам да им порачам дека Владата останува нивен партнер и сервис во реализација на нивните инвестициски планови и цели.

Ова нека биде еден позитивен пример кој ќе ги мотивира и инспирира останатите компании да создаваат квалитетни проекти и да влезат во нови инвестиции, за чијашто реализација државата ќе понуди помош и поддршка.

Со зачленувањето на нашата земја во НАТО и со отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ, функционирање на институциите ќе се унапредува и ќе се доближува до европските правила и стандарди на транспарентна и ефикасна работа.

Затоа, Ве повикувам да имате целосна доверба во државните институции, кои работат во ваша служба.

Благодарам.