29/03/2024
Охрид

Доделени хуманитарни пакети на социјално загрозени семејства

Како резултат на активностите во рамките на кампањата за Неделата на борба против гладта кои во организација на Црвен крст Охрид се одвиваа од 16-22 Октомври и хуманоста на охриѓани деновиве се врши распределба на хуманитарните пакети со прехрамбени производи и средства за хигиена, на ранливата категорија на граѓани со низок социјално-економски статус.

Партнер во кампањата за Неделата на борба против гладта и оваа година беше Општина Охрид и градоначалникот Јован Стојаноски, кој денес пред седиштето на Црвен крст Охрид, подели хуманитарни пакети на 70 социјално загрозени семејства од Охрид.

„Заедно со Црвениот крст најстојуваме на некаков начин, колку што можеме да им помогнеме на социјално загрозените семејства. Разбираме дека ова е можеби една мала мерка, меѓутоа им значи на овие семејства и понатака таа акција ќе ја продолжиме, и понатака ќе ги поддржуваме тие семејства колку што можеме во рамките на општинскиот буџет.“ – изјави градоначалникот Јован Стојаноски.

„Традиционално секоја година ја одбележување кампањата, односно акцијата за Неделата на борба против гладта која што традиционално и оваа година и години наназад партнер ни е Локалната самоуправа, Општина Охрид, Градоначалникот на општина Охрид. И оваа година тие обезбедија поголемо количество на социјално-хуманитарни пакети кои што ги приготвивме. Денес ќе поделиме 70 од нив, а во рамки на кампањата поделивме преку 250 хуманитарни пакети, на преку 250 семејства. Оваа помош е согласно стандардите на Меѓународната федерација на Црвениот крст и содржи средства за хигиена и прехранбени производи кои што се доволни да ги обезбедат основните потреби на едно четиричлено семејство.“ – изјави Сашо Точко, претседател на Црвен крст Охрид.

Црвениот крст Охрид кампањата ја оценува како успешна и упатува благодарност до сите поединци, компании, здруженија, фирми, училишта и институции кои со својот придонес во оваа хуманитарна акција помогнаа во справување со секојдневните животни предизвици на повеќе загрозени семејства од Охрид и Дебрца.

WebOhrid