Доделени стипендии за учениците од Дебрца

По повод почетокот на новата учебна година најдобрите 20 ученици од основно и средно образование добија општински стипендии за тековната учебна година 2016/2017 година. Стипендиите во посебна пригода ги додели Градоначалникот на Општина Дебрца Игор Трајкоски, кој им посака успешна учебна година и одличен успех.

„Избрани сте како најдобри од најдобрите бидејќи сакате да учите и да се надградувате. Искуството покажало дека за секој што сака да учи и да се надградува, две нешта никогаш нема да бидат исцрпени. Прво, можностите за стекнување со вредни знаења и вештини. И, второ, шансите кои ви се нудат за да го употребите наученото. Она што е неопходно за двете нешта е отворен ум за да се прими знаењето и да се препознаат можностите. Само така ќе бидете успешни во новиот глобален натпревар, во новото динамично време“, – истакна Трајкоски.

На крајот градоначалникот Трајкоски додаде, има една мудрост што ја препишуваат на Елеонор Рузвелт, а тоа е дека: „Големите луѓе се преокупирани со идеи, со стратегии, со визии; просечните луѓе се преокупирани со настани, а малите луѓе со другите луѓе”. Затоа бидете големи, бидете преокупирани со идеи. Бидете креативни и иновативни, нека вашите идеи станат наша реалност, таа реалност да стане дел од македонското општество. Да бидете вистински лидери во средините од каде што доаѓате, и да ја поттикнете желбата и кај другите безрезервно да придонесуваат за развојот на нашата држава и за нашата иднина.

Стипендиите кои контунуирано веќе по четврти пат се доделуваат се рангирани според износот во две категории, за учениците од основно образование 1000 денари и за учениците од средно образование 1500 денари месечно.