28/03/2024
Македонија

Доделени стипендиите „Борис Трајковски” за академската 2017/2018 година

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска свечено ги додели стипендиите „Борис Трајковски” за академската 2017/2018 година.

Стипендиите традиционално се доделуваат за постдипломски студии на Програмата за бизнис администрација – МБА на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити колеџ во Солун. Стипендиите ги обезбедија Министерството за образование и наука на Република Македонија и Универзитетот Шефилд.

„Претседателот Борис Трајковски остави неизбришлива трага во современата македонска историја. Како голем лидер, визионер и благороден човек, тој го промовираше мирот и пријателството меѓу луѓето, народите, соседите. Затоа, денеска ми е чест да ги врачам стипендиите што го носат неговото име. И тоа е сосема природно, бидејќи оваа стипеднија е инвестиција во мирот и пријателството меѓу македонското и грчкото општество. Во оваа пригода би сакал да им се заблагодарам на министерството за Образование и наука на Република Македонија и на Сити колеџот од Солун за доследноста и посветеноста во обезбедувањето на стипендиите. Верувам дека оваа успешна соработка ќе продолжи и во иднина. Стипендиите им ги доделуваме на најдобрите меѓу најдобрите пријавени на конкурсот со извонредно високи критериуми. Нема поисплатлива инвестиција од инвестицијата во образованието. Со стипендиите „Борис Трајковски” ви се дава одлична можност вашите таленти, знаења и вештини да ги надградите на една престижна образовна институција, Сити Колеџот од Солун при Универзитетот Шефилд од Велика Британија. На вас останува она што ќе го добиете како знаење да го реализирате во животот и да го ставите во функција на остварување на своите визии храбро преземајќи иницијативи и работејќи на реализирање на сопствените идеи. Уверен сум дека образованието кое ќе го добиете ќе го користите доблесно и со него ќе придонесете за сопствен, но и за благодат на заедницата и општеството. Повеќе од кога било порано, на Република Македонија и се потребни иновативни и креативни луѓе кои не се плашат да се вклучат во глобалниот натпревар на бизнис идеи и потфати. Уверен сум дека меѓу вас, носителите на стипендиите „Борис Трајковски” се идните врвни македонски претприемачи и менаџери. Пред вас е успешна кариера, но и одговорност да придонесете кон општеството кое инвестирало во вас. Вашиот успех е и успех на целото македонско општество. Живееме во време на голема дигитална трансформација, со многу предизвици и многу можности. Во вакви услови, некои стравуваат, а некои храбро се соочуваат со промените. Една стара мудрост од Истокот вели: „кога дува ветер, едни градат ѕидови, а други ветерници”. Бидете луѓе што градат ветерници.“– рече во своето обраќање претседателот Иванов.