Донација во опрема вредна 200.000 евра од ЕУ за Одделот за крим- техника

Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи доби донација на современа опрема за форензика од Европската унија во вредност од околу 200.000 евра во рамки на Проектот 58 “ Обезбедување на специјализирана опрема за ХБРН форензика на земјите од југоисточна и источна Европа“ чија основна цел е јакнење на капацитетите за настани и инциденти предизвикани од хемиско, биолошко, радиолошко и нуклеарно оружје и материјали.

Опремата се состои од специјализирано возило, опрема за лична заштита, како и мини мобилна лабораторија за обработка на т.н. ХБРН место на настан (детектори, дозиметри и друга помошна опрема за детектирање, мерење, анализа и идентификација на опасни агенси). Опремата донирана од ЕУ ќе придонесе за подигнување на свеста за ХБРН настани, а следните неопходни чекори треба да вклучат активности за развивање систем за обука од областа на ХБРН, континуирани стручни обуки и вежби за ракување со заштитната облека како и за усовршување на принципите на работа за соодветно обезбедување на контаминирани традиционални форензички докази (биолошки траги, траги од папиларни линии, електронски уреди, ХБРН агенси и сл.), со цел да се пронајдат сторителите и причините за ваков вид инциденти.