19/04/2024
Македонија

Донесени и изменети пет закони во интерес на земјоделците

Собранието усвои измени и дополни на пет закони во областа на земјоделството. Станува збор за законите за земјоделство и рурален развој, за ловство, за рибарство и аквакултура, за консолидација на земјоделско земјиште и за семенски и саден материјал за растенија. Сите овие измени на закони се од исклучително значење за развојот на земјоделството, а од кои главна придобивка ќе имаат земјоделците.

Со измената и дополнувањето на Законот за земјоделско земјиште, законски се официјализира воведувањето на мерката за кофинансирање на трошоците за набавка на гориво за земјоделска механизација. Над 54.000 земјоделски стопанства кои имаат евидентирано земјоделски површини во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во МЗШВ, ќе имаат поевтино гориво за механизацијата. Со мерката драстично ќе се намалат производствените трошоци, што е еден условите за поконкурентно производство. На овој начин во земјоделството остануваат над пет милиони евра.

Втората клучна измена во овој закон е одложување на важноста на условите за подмирени обврски кон Управата за јавни приходи, што изминатите години беше пречка за исплата на субвенциите. Оваа измена е важна за навремена исплата на субвенциите, меѓу кои е и исплатата на субвенциите за тутунот од реколтата 2017, која ќе започне месецов. Во Платежната агенција веќе се обработуваат поднесените барања за зголемените субвенции за тутун.

Консолидацијата односно окрупнувањето на земјоделското земјиште е еден од важните приоритети на МЗШВ. Со измените и дополните на Законот за консолидација на земјоделско земјиште, ќе се овозможи ефикасно спроведување на целиот процес за консолидација, односно на започнатиот проект за окрупнување на земјоделското земјиште.

Измените и дополнувањата на Законот за семенски и саден материјал за растенија, предвидуваат измени во делот на производството, трговија и запишување на семенски и саден материјал. Со овие измени ќе се овозможи заштита на националните автотони сорти на семе и саден материјал за растенија.