19/04/2024
Охрид

Донев: Животот што се ветуваше го нема никаде

Денес во просториите на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид се одржа прес-конференција на која говореше претседателот на Општинскиот комитет, Сашо Донев.

„Стандардот на граѓаните тоне, а охриѓани живеат сè потешко. Животот што се ветуваше го нема никаде. Отчетноста, транспарентноста и работењето не се главна карактеристика на СДСМ и градоначалникот Јован Стојаноски.

До кога граѓаните ќе ги чекаат ветувањата од Локалната самоуправа и градоначалникот Стојаноски да се остварат?

Една година Охрид без капитални проекти, ниту една инвестиција, застој во инфраструктурата, пад на економскиот развој, нема реформи во образованието, без модерен туризам, здравството тоне.

Што се случи со ветените проекти предвидени за 2018 година и реализација на поединечните проекти за секоја населба кои не се ниту започнати со подготовка?

Тоа значи на сметка на проектите и решавање на секојдневните проблеми на граѓаните, свесно се дозволи средствата за таа намена да бидат извршени од доверителите без претходно потпишани договори. Нема решавање на проблемите со парите на граѓаните, туку само враќање камати и долгови.

Јавните претпријатија наместо високодоходовни претпријатија постануваат загубари.

Нема никаква трага од изградба на катни гаражи, нова Болница, Дом за пензионери, затворен базен, ниту изградба на обиколница Мауцкер-Косел, изградба на експресен пат Охрид-Свети Наум.

Избори со лаги се добиваат, ама лагите кратко траат и брзо излегуваат на виделина.

ВМРО-ДПМНЕ ќе го следи, фали и критикува работењето на градоначалникот Стојаноски. ВМРО-ДПМНЕ знаејќи ги проблемите со кои се соочува Охрид, во интерес на граѓаните ќе поднесе предлог-амандмани во однос на програмата за наредната година.

Охриѓани не се со кратка меморија и гледаат што е направено. За само една година им е кристално јасно дека буквално се излажани од СДСМ и Стојаноски. Затоа зафатете со работа.

Охриѓани заслужуваат подобро.“ – истакна Донев.