28/03/2024
Писма/Колумни

Драги Аргировски, злоупотребувајќи ја пензионерската асоцијација, влечкал по судови новинари, за што сега Сојузот ќе плаќа високи такси!?

Основниот суд Скопје 2 Скопје, го одби како неосновано тужбеното барање на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Република Македонија, против новинарите Веле Митаноски од Охрид и Иван Бојаџиски од Штип.

Нив, всушност не ги тужеше Сојузот, туку неговиот претседател Драги Аргировски, со образложение, дека, наводно “му сториле клевета”, по член 8, став 3 ВВ, став 1, од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Наводната навреда и клевета, наводно, ја сториле со написи во портали и, “партиски соопштенија” за кои не се знае кои се авторите!

Аргировски, не ги тужи двајцата новинари како физичко лице, туку за тоа го злоупотребил (како негов претседател) Сојузот на здруженијата на пензионерите на Република Македонија.

Злоупотребата – “Здружението тоа сум јас!”, сега, ќе го чини Здружението 24.000,oo денари (Вредноста на спорот за утврување на одговорност за клевета и надоместување на штета изнасува “само” 1.230.000,оо денари!) затоа што чесниот суд не најде елементи и не утврди одговорност, те го одби барањето како неосновано!

Ако Здружението не ги врати парите доброволно, ќе ги врати присилно, преку УЈП, ама сега со 50 проценти зголемен износ! А, тоа не се лични пари на Аргировски, туку на сите пензионери, вклучително и на двајцата тужени новинари.

Тоа значи дека “чесниот и за пензионерите грижлив претседател”, со нивни пари, се расфрлал, исправувал фатаморгани и лични “криви Дрни”, си истерувал свои, лични ќејфови!

Здружението (Драги) сега може да се жали, да ја продолжи постапката пред повисоката судска истанца – Апелациски суд. Може, ама тоа ќе кошта два пати по толку! Двојно од трошоците во првостепената постапка. Ќе смее ли Здружението да си го дозволи тој луксуз и натаму да троши заеднички, пензионерски пари, за ќејфови и лични фрустрации?

Обвинетите новинари велат дека оваа злоупотреба е само врв од ледениот брег.

Пред нецела седмица Аргировски, после години криење, конечно се појави пред Основниот суд во Охрид да сведочи во процес поврзан со неговиот локален пензионерски шериф, а за дејанија кои заеднички ги правеле.

На судот Аргировски сведочеше дека сега не знае ништо од сето она што заеднички го работеле со претседателот на Здружението на пензионерите за општините Охрид и Дебрца.

Не знае дека, згаснувале жиро сметки, за да не враќаат милионски долгови! Не знае дека овие од Охрид, ја згаснале сметката во “Охридска Банка – Сосиете женерал”, како Здружение, а отвориле нов правен субјект – Актив на пензионери, преку кое вршеле финансиски трансфери на народни – пензионерски пари!

Аргировски сведочеше дека не ги префрлал парите лично тој, туку за ”да не се сетат Власите” (полицијата, судовите, УЈП…) формирале некаков Одбор (пак од нивни членови на Извршниот одбор!), кој располагал и ги распоредувал средствата слеани од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Македонија издвоени за членарини и солидарен фонд!

Конечно, Аргировски, во врска со судскиот процес пред Основниот суд во Охрид, не знаел дека неговиоит локален шериф, пресликано по примерот на главниот бос од Скопје, истерувал лични правдини и ќејфови, за кои, Здружението на пензионери, ќе плати – само за судско граѓански и извршни трошоци, околу 25.000 евра! Народни-пензионерски пари!

За жал, сето ова, е само врв на ледениот брег. Допрва ќе следуваат супер-мега афери и скандали, од кои, на пензионерите ќе им се крева на главата на косата – што ја немаат!?

Веле Митаноски

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.