28/03/2024
Македонија

„Движејќи се кон иднината“ – 50 години Царинска унија

Делегација на Царинската управа предводена од директорот Ѓоко Танасоски учествува на семинар на високо ниво за перформансите на Царинската унија „Движејќи се кон иднината“. Семинарот се одржува во Виена-Аврстрија на 17-18 октомври, под претседателство на Царината на Австрија (во рамки на Програмата Царина 2020).

Царинската унија која одбележува 50 години од своето формирање продолжува да развива методи со кои на царинските служби ќе им помогне успешно да ја извршуваат својата улога на органи кои го контролираат протокот на стоките преку границите, го штитат општеството од заканите што произлегуваат од недозволената трговија и даваат свој придонес за раст и конкурентност, преку олеснување на легалната трговија.

Проектот за унапредување на перформансите на Царинската унија (CUP) е клучен елемент во управувањето и има за цел да воспостави систематско вреднување на можностите на Царинската унија од аспект на стратешките цели околу ефикасноста, ефективноста и придржување кон принципите.

Семинарот е конципиран во две работилници, едната фокусирана на тоа како да се насочи и да се примени проектот „Перформанси на Царинската унија“ и другата на која се разгледуваат краткорочните и среднорочните приоритети, можностите за делување во поглед на тоа како да се одговори на потребите на деловната заедница и на предизвиците што произлегуваат од унапредувањето и развојот на проектот Перформанси на Царинската унија.