Единиците на АРМ изведоа вежби на Центарот за обука на вода

Деновиве на Центарот за обука на вода во Охрид, Армијата на Репубика Македонија направи повеќе вежби за делување на вода, со употреба на хеликоптер.

Љубопитните граѓани и туристи имаа можност од близу да ги видат овие вежби. Од друга страна пак, многумина од граѓаните не знаеја зошто хеликоптерите на АРМ го надлетуваат Охрид.

„Станува збор за краткотрајни планирани активности од доменот на обука над вода, кој го изведува воздухопловниот персонал од воздухопловната бригада на АРМ. Имено ова се годишни планирани активности на АРМ кои се изведуваат над водени површини (Охридско Езеро и другите вештачки езера во републиката) на почетокот на летните месеци, кои пред се имаат за цел одржување и подобрување на летачките способности на пилотскиот персонал и потврдување на техничките способности на воздухопловите. Овие обуки се потребни пред се поради евентуални ангажирања на хеликоптерите и летачкиот персонал во гасење поголеми пожари кои како што знаеме ги имавме во поголем број изминатата година, и каде хеликоптерите на АРМ имаа секојдневно повеќечасовни ангажирања со исфрлање на вода со што придонесоа за успешно справување со огнените стихии. Воедно, овие активности на воздухопловите се користат и како обука на персонал од воздухопловната бригада за интервенции при спасување од вода, а исто така вклучуваат и обични прелети на хеликоптерите над водени површини кои се редовно најавувани и координирани со надлежните служби од МВР, поради што нема никаква причина за вознемиреност кај граѓаните.“ – изјави за WebOhrid, потполковникот Тони Јаневски, началник на канцеларија за односи со јавност и портпарол на ГШ на АРМ.

This slideshow requires JavaScript.

WebOhrid