18/04/2024
Писма/Колумни

Еко-колумна: Понесете го екологистот во себе!

Пред да излезете од дома – подгответе се! Секогаш со вас понесете го и екологистот во вас! Им помина времето на разно-разните отпади кои стоеа така покрај плажите, на плажите, но и во водата. Стакло, пластика, лименки, најразличен цврст отпад… Време е за екологија! Секогаш било и секогаш ќе биде!

Ниту комуналните претпријатија, ниту еколошките друштва не успеваат да се справат со толкаво загадување. Едноставно, лесно е да се загади, но тешко е да се исчисти.

Како ли само дошло до толкаво загадување?! Кој е виновен? Нашите дедовци, татковци, другари, пријатели или непријатели, познати и непознати… или пак можеби нашите деца?!?

Искрено, повеќе и не е важно кој е виновен. Можело и може да биде и уште полошо, но за да не биде така мора да се реагира сега, денес, утре, задутре и така натаму, секој нареден ден додека не се исчисти и последната трошка која ја нагрдува природата, плажите, Езерото.

Носете си кеси, и тоа повеќе! Една за стакло, друга за метал, трета за пластика… најважно е да не оставате ништо зад вас, односно да ја оставите природата таква каква што треба да биде, недопрена и чиста!

Васко Б.

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.