25/04/2024
Македонија

Експозе на МФ Драган Тевдовски за Буџет 2018

Предлог-буџетот на Република Македонија за 2018 година е најдобра рефлексија на ангажманот на новата Влада за постигнување на клучните цели и приоритети на општеството: повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на вработувањата, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграционите процеси за ЕУ и НАТО.

Предлог-буџетот ја покажува нашата цврста определба за ефикасно, домаќинско, транспарентно и општествено-корисно трошење на државните пари, Како што може јасно да се види од предлогот, народните пари ќе се трошат на вистински мерки кои ќе придонесат за подобрување на економијата и животот на граѓаните, а не на расипништво и непотребни проекти. Во Предлог-буџетот за 2018 година се предвидени повеќе средства за клучните столбови на општеството: повисоки плати во Армијата, здравството, образованието и детската грижа. Има повеќе средства за приближување до НАТО стандардите, за поддршка на домашните претпријатија и за мерки за вработување, како и за капитални инвестиции. А има и за враќање на претходно земени долгови и на затекнати неплатени обврски.

 Почитувани пратеници,

Пред да прејдам на елаборирање на Предлог-буџетот за 2018 година, би сакал да дадам осврт на макроекономските и фискалните трендови од оваа година, односно условите во кои е креиран Предлог-буџетот.

Активноста на домашната економија во првото полугодие од 2017 година беше под влијание на политичка неизвесност во земјата, што се одрази најмногу врз инвестиционата активност, посебно во вториот квартал кога бруто-инвестициите забележаа значителен пад. Како резултат на тоа, економската активност во првото полугодие е намалена за 0,9%, при што бруто-инвестициите забележаа пад од околу 10%. Притоа, приватната потрошувачка остана отпорна на овие случувања и забележа раст од 3,4% на реална основа, а растот на јавната потрошувачка изнесуваше 1,3%.

Извозот продолжи да расте со висок интензитет, односно во првата половина од годината забележа раст од 8,8% на реална основа, во услови на зголемена активност на новите производствени капацитети, поволни движења на надворешната побарувачка, односно раст на економската активност во ЕУ, како и поволните движења на цените на основните метали на светските берзи. Од друга страна, во првата половина на 2017 година, увозот на стоки и услуги забележа раст од 6,9% на реална основа.

Анализирано по сектори, градежната дејност во првото полугодие од 2017 година забележа пад од 11,6% на реална основа. Пад е забележан и во услужниот сектор од 0,7%. Земјоделството во овој период забележа раст од 2,8%, а индустрискиот сектор раст од 0,2%.

Најновите месечни податоци за периодот јануари–септември 2017 година покажуваат дека извозот бележи номинален раст од 15,1%, а увозот раст од 11,2%. Дефицитот на тековната сметка на платниот биланс во првото полугодие од 2017 година изнесува 218 милиони евра, што претставува 2,1% од проектираниот годишен БДП. Дефицитот на тековната сметка е намален за 39 милиони евра споредено со истиот период од 2016 година, што најмногу се должи на зголемените трансфери од странство, а во одредена мера и на намалениот трговски дефицит. Приливот на странски директни инвестиции (СДИ) во првото полугодие од 2017 година изнесува речиси 100 милиони евра, што претставува 1 % од проектираниот годишен БДП.

Стапката на инфлација во првите три квартали од 2017 година изнесува 1,1%, со тоа што кварталната динамика покажува одредено интензивирање во услови на забрзан раст на базичната инфлација.

Позитивните движења на пазарот на трудот продолжија во 2017 година. Во вториот квартал, според Анкетата на работна сила, бројот на вработени е повисок за 2,7% на годишна основа. Зголемување на вработеноста е забележано кај услужниот сектор (најмногу во трговијата), во преработувачката индустрија и земјоделството, додека пад на вработеноста е регистриран во градежниот сектор. Растот на вработеноста е придружен со пад на стапката на невработеност, која во вториот квартал од 2017 година се намали на 22,6%, што е за 1,4 процентни поени пониско споредено со истиот квартал во 2016 година.

 Просечната нето-плата во периодот јануари-септември 2017 година забележа раст од 2,5% на номинална основа и раст од 1,3% на реална основа. Само во септември, растот на платите изнесува 4,7% на годишна основа, што се должи главно на зголемената минимална плата. Притоа, ова претставува највисока стапка на раст на платите од декември 2010 година, што е уште еден доказ за успешноста на проектот.

Со оглед на падот на реалниот БДП во првата половина на 2017 година од 0,9%, како и најновите оценки кои укажуваат на закрепнување на економската активност и нејзино дополнително интензивирање до крајот на годината, проекцијата за економскиот раст во 2017 година изнесува 1,6%, што е во линија со последните оценки на повеќето меѓународни институции. Оваа оценка претставува надолна корекција во однос на очекуваниот раст со ребалансот од 2,2%. Притоа, сакам да истакнам дека со ревидирањето на БДП за тековната година при предлагање на буџетот за наредната година, што досега не беше пракса, ја потврдуваме нашата определба за реалистични макроекономски проекции како најсоодветен инпут за реалистични фискални проекции и одговорна фискална политика.  

Во однос на инфлацијата, досегашните остварувања се нешто над проектираниот раст на потрошувачките цени, и со оглед на нагорната тенденција на инфлацијата е направена и мала нагорна ревизија на очекуваната стапка на инфлација во 2017 година на 1,4% (наспроти 1% со ребалансот).

Почитувани пратеници,

Во однос на реализацијата на приходите и приливите на Буџетот на Република Македонија, заклучно со октомври 2017 година, таа е во рамките на очекувањата за овој период од годината, а плаќањата на расходите се реализираат редовно и навремено.

Во периодот јануари – октомври 2017 година, вкупните приходи се реализирани во износ од 146,4 милијарди денари или 79%, односно истите се повисоки за 4,4% во однос на наплатените во истиот период од претходната година. Од овој износ, 87 милијарди денари се даночни приходи, кои бележат пораст од 3,4 милијарди денари или 4% повеќе во однос на лани. Приходите од ДДВ се реализираа за 1,9% повеќе во однос на истиот период во 2016 година, односно достигнаа ниво од 39,9 милијарди денари и истите доминираат во структурата на даночните приходи со 45,9%. Приходите од персоналниот данок на доход во периодот јануари-октомври 2017 година се наплатени во износ од 12 милијарди денари, што претставува раст од 7,5% во однос на истиот период претходната година. Во истиот период наплатени се приходи од данокот од добивка во износ од 9,9 милијарди денари, и се за 10% повисоки во однос на истиот период од минатата година. Повисоки од планираните се и приходите од акцизи: во десетте месеци од 2017 година тие достигнаа ниво од 19.3 милијарди денари, што е за 4,1% повеќе од минатата година. Приходите од социјални придонеси се остварија во износ од 42,9 милијарди денари. Тоа е за 2 милијарди денари или 4,9% повеќе од соодветниот период во 2016 година. Притоа, по основ на пензиско осигурување реализирани се 28,9 милијарди денари, додека по основ на здравствено осигурување наплатени се 12,2 милијарди денари. Во периодот јануари – октомври 2017 година, неданочните приходи изнесуваат 11,3 милијарди денари, и во однос на истиот период 2016 година се повисоки во износ од 438 милиони денари, односно за 4%. Во овие рамки доминантни се неданочните приходи на буџетските корисници на сопствените сметки, кои се остварија на ниво од 7,2 милијарди денари и административните такси реализирани во износ од 1,3 милијарди денари. Капиталните приходи изнесуваат 1,2 милијарди денари, и се пониски за 34,4% во однос на анализираниот период минатата година како резултат на пониската дивиденда од АД Македонски телеком. Буџетските корисници реализираа 3,8 милијарди денари по основ на донации од меѓународна мултилатерална и билатерална соработка.

Расходите во периодот јануари – октомври 2017 година се реализираа во износ од 157,6 милијарди денари или околу 77,5%, односно истите се за 6,5 милијарди денари или 4,3% повисоки во однос на истиот период минатата година. Во овој период навремено и непречено се подмируваа сите обврски на буџетските корисници, законските права на граѓаните и доспеаните обврски.

 Во периодот јануари-октомври 2017 година остварен е дефицит на Буџетот на РМ во висина од 11,3 милијарди денари што е за 345 милиони денари или 3,2% помалку од соодветниот дефицит во 2016 година. Државниот долг на Република Македонија на 30.9.2017 година изнесува 3,9  милијарди евра, односно 37,8% од БДП, додека јавниот долг на 30.9.2017 година изнесува 4,7 милијарди евра, односно 45,8% од БДП.

Почитувани пратеници,

Буџетот за 2018 базира на следните очекувања за макроекономските движења.

Позитивните движења во глобалната економија се очекува да продолжат со засилен интензитет до крајот на 2017 и во текот на 2018 година, во услови на зголемена доверба кај инвеститорите, поволни трендови во глобалната трговија и позитивни движења на финансиските пазари. Оттука, растот на глобалната економија се очекува да се зголеми на 3,7% во 2018 година. Позитивни тенденции се очекуваат и во европската економија, се очекува економскиот раст во Европската Унија да изнесува 2,1% во 2018 година, додека растот во Германија како најголема економија е проектиран на 1,8%.

Во 2018 година домашната економија се очекува дополнително да заздрави од негативните влијанија на политичката неизвесност во земјата во првата половина од 2017 година. Политичката стабилност и враќањето на довербата кај инвеститорите се очекува да придонесат кон раст на приватните инвестиции. Растот на платите и вработеноста во приватниот сектор, поддржан од владините мерки, придружени со очекувањата за ниска и стабилна инфлација во земјата, ќе придонесат кон зголемување на приватната потрошувачка. Понатаму, континуираниот солиден извоз од новите производствени капацитети, како и опоравувањето на традиционалните извозни сектори како резултат на зајакнатата економска активност на земјите трговски партнери, ќе придонесат за зголемување на извозот на Македонија и поголемо искористување на индустриските капацитети.

Согласно ваквите очекувања за движењето на домашната побарувачка наредната година, како и предвидувањата за меѓународното економско окружување, проекцијата за реалниот економскиот раст во 2018 година изнесува 3,2%, што е во согласност со најновите проекции на релевантните меѓународни и домашни институции (Светска банка, ММФ, НБРМ), односно претставува уште еден доказ за реалистичноста на нашите претпоставки во Буџетот. Притоа, номиналниот раст на БДП во 2018 година е проектиран на 5,3%.

Приватната потрошувачка се предвидува да биде значаен двигател на економскиот раст, и се очекува во 2018 година таа да забележи раст од 2,8% на реална основа. Растот на приватната потрошувачка се поврзува со очекуваниот раст на вработеноста и платите во приватниот сектор, подигнувањето на минималната плата (што ќе се одрази и врз растот на просечната плата во земјата), растот на платите во здравството и образованието, како и мерките за зајакнување на социјалната заштита, а кои ќе резултираат со раст на расположливиот доход на домаќинствата. Приватната потрошувачка се очекува да биде поддржана и од предвидениот раст на кредитирањето на населението.

Проекцијата за реален раст на јавната потрошувачка во 2018 година изнесува 1,3%.

Проекцијата за раст на бруто-инвестициите во 2018 година изнесува 3,6% на реална основа. Позитивен придонес врз растот на инвестициите се очекува да имаат планираните инвестиции на јавниот сектор и поддршката на инвестициската активност на домашните и странските претпријатија. Враќањето на политичката стабилност во земјата ќе има позитивно влијание врз очекувањата и довербата на економските субјекти, а ќе значи и позитивен сигнал за постојните и потенцијални странски инвеститори.

Во 2018 година извозот на стоки и услуги се очекува да забележи реален раст од 7,5%, во услови на очекуван раст на странската побарувачка, особено за производи со повисока додадена вредност, чиј удел во структурата на домашната индустрија се зголемува. Проектираниот раст на домашната побарувачка, инвестициите и извозната активност условуваат и соодветен увоз на стоки и услуги, кој во 2018 година се очекува да забележи реален раст од 6,0%.

Во 2018 година дефицитот на тековната сметка на платниот биланс се очекува да остане низок, во износ од 2,2% од проектираниот БДП. Предвидените движења во платниот биланс ќе резултираат со задржување на девизните резерви на адекватно ниво. Стабилниот девизен курс на денарот во однос на еврото ќе се задржи и во 2018 година, во функција на одржување на ценовната стабилност како крајна цел на монетарната политика.

Стапката на инфлација во 2018 година се очекува да биде релативно ниска и да изнесува 1,7%, при што динамиката на инфлацијата ќе биде главно под влијание на движењето на светските цени на примарните производи.

Предвидениот раст на економската активност се очекува да биде придружен со раст на вработеноста, поттикнат и преку активните мерки и програми за вработување, како и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места. Оттука, проекцијата за раст на бројот на вработени во 2018 година изнесува 1,9%, што ќе придонесе просечната стапка на невработеност да се намали на 21,5%. Просечниот раст на бруто-платата во 2018 година се очекува да изнесува 4,0% на номинална основа.

Почитувани пратеници,

Би сакал сега подетално да се задржам на содржината на самиот Предлог-Буџет за 2018 година и политиките кои се вградени во истиот.

Како резултат на повеќемесечен буџетски процес и континуирана комуникација со ресорните институции за стратешките планови и политики за наредната година, составен е Предлог-Буџетот на Република Македонија за 2018 година. При негово составување земени се предвид движењата во македонската економија и реализацијата на буџетот во тековната година, како и очекувањата за економските движења во 2018 година.

Буџетот на Република Македонија за 2018 година ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, односно проектите кои се во насока на постигнување на стабилен економски раст, подобар живот за граѓаните како и повисоко ниво на социјална правда. Истовремено, тој е и одраз на определбата на Владата за ефикасно и домаќинско работење со народните пари.

Вкупните приходи на консолидираниот буџет за 2018 година се планираат на ниво од 193,5 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 211,7 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит од 18,2 милијарди денари во апсолутен износ, односно 2,7% од БДП. Ова претставува намалување на дефицитот (од 2,9% во 2017 година), што најдобро ја одразува определбата на Владата за постепена фискална консолидација, која ќе се постигне преку строга контрола и силна буџетска дисциплина при намалување на помалку продуктивните расходи, со истовремено обезбедување на значителен износ на капитални инвестиции и субвенции за поддршка на домашната економија како и средства за повисоко ниво на социјална правда. Ние сме цврсто уверени дека овој пристап во крајна линија ќе обезбеди подобрување на економските перформанси и животниот стандард. Истовремено, намалувањето на буџетскиот дефицит претставува најдобра потврда за домаќинско и одговорно работење, а не расипништво со народните пари како што беше пракса во минатото.  

Проекциите за приходите на Буџетот за 2018 година се базираат на реализацијата на приходите во тековната 2017 година, на очекувањата за економските остварувања во идната година, како и на ефектите од корекција на одредени јавни давачки. Притоа, проектираниот раст на буџетските приходи од 4,7% е помал од растот на номиналниот БДП од 5,3%, што е уште еден доказ дека макроекономските и фискалните проекции во Предлог-Буџетот се реалистични. Поточно, со овој релативно конзервативен пристап во проекциите сакаме да избегнеме повторување на некои минати проблеми со ликвидноста на плаќањата од Трезорот во иднина, како и остварување на повисок дефицит од планираниот.

Даночните приходи за 2018 година се планирани во износ од 114,8 милијарди денари, вклучувајќи го и очекуваниот ефект кај приходите од акцизи од околу 1,6 милијарди денари и на приходите од ДДВ за околу 350 милиони денари по основ на зголемувањето на акцизата на нафта за 3 денари. Зголемувањето на акцизата на нафта Владата го предлага како соодветна измена на даночната регулатива. Притоа, ефектите од оваа мерка се неколкукратни: зголемување на буџетските приходи, усогласување со европските стандарди и регулативите на Европската Унија, како и заштита на животната средина односно намалување на загадувањето. Очекуваме дека оваа мерка ќе влијае на дестимулација на користење на дизелот како најнееколошко гориво, што ќе придонесе за постепено доближување на Македонија до ЕУ стандардите за заштита на животната околина (пр. неколку европски земји веќе најавуваат забрана на дизел-возила на среден рок).

Социјалните придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско и здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување се планирани во износ од 55,4 милијарди денари, со задржување на постојните задолжителни стапки за социјално осигурување и зголемување на максималната основица за пресметување и уплата на придонесите од 12 на 16 просечни плати за примања од работен однос и извршни одбори, односно од 8 на 12 просечни плати за самовработените.

Вкупните расходи во Буџетот за 2018 година, планирани во износ од 211,7 милијарди денари, се во функција на редовно и навремено исполнување на сите законски обврски, поддршка на домашната економија и интензивирање на инфраструктурните проекти, како и делумно враќање на стари наталожени долгови.

Тековните расходи за 2018 година се планирани во износ од 187,1 милијарди денари, наменети за редовно финанасирање на платите на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензии и социјални надоместоци, исплата на субвенциите во земјоделството, засилена поддршка на малите и средните претпријатија, како и субвенционирање на иновативните активности.

Во овие рамки:

  • Расходите за исплата на плати се проектирани на ниво од 27,1 милијарди денари, и во рамки на овие средства обезбедено е покачување на платите за 10% за сите припадници на армискиот состав од јануари 2018 година.
  • Расходите за стоки и услуги се проектирани на износ од 17,5 милијарди денари, со што ќе се обезбеди редовно и непречено подмирување на обврските на буџетските корисници, вклучувајќи и обезбедување на средства за финансирање на здравствените програми, со цел унапредување на здравјето и подобрување на здравствената заштита на населението. Во текот на 2018 година ќе продолжи определбата за спроведување на рестриктивна буџетска потрошувачка во делот на помалку продуктивните расходи. Поточно, износот од 17,5 милијарди за стоки и услуги е за околу 200 милиони понизок од 2017 година (1,1%). Притоа, доколку се исклучи зголемувањето на материјалните трошоци во Министерство за одбрана (за приближување кон НАТО стандарди), намалувањето на сите останати „стоки и услуги„ изнесува 615 милиони денари.
  • Тековните трансфери и субвенции планирани во 2018 година се планирани на ниво од 133,9 милијарди денари, и се однесуваат на:
    •  Социјални трансфери, проектирани на износ од 98,7 милијарди денари, и тоа:
      • Во 2018 година, 54 милијарди денари се наменети за исплата на пензии, со вклучено редовно законско усогласување.
      • За исплата на паричен надоместок во случај на невработеност за невработените лица планирани се средства во износ од 950 милиони денари, во чии рамки се вклучени и потребните средства согласно законските измени за решавање на материјалното обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатија со доминантна државна сопственост.
      • За спроведување на активните политики и мерки за вработување планирани се 988 милиони денари. Овие средства ќе бидат насочени кон креирање на програми, мерки и услуги за вработување кои ќе се спроведат за да се подобри функционирањето на пазарот на трудот, да се поддржи создавањето на нови работни места, како и вработувањето на млади лица – младинска гаранција. Ова претставува историски највисок износ на буџетски средства за активни мерки за вработување.
      • За здравствена заштита се планирани средства во износ од 28,2 милијарди денари. Ова ниво на планирани средства за здравствена заштита, кое ќе се реализира преку Фондот за здравствено осигурување, е поголемо во однос на 2017 година за околу 1,1 милијарда денари, во најголем дел наменети за финансирање на здравствените услуги, како и за зголемување на платите на медицинскиот персонал во јавните здравствени установи за 5% почнувајќи од исплатата на септемвриската плата во 2018 година.
      • Во Буџетот предвидени се средства за редовно и навремено исплаќање на обврските по основ на правата од социјална заштита на ранливите категории на граѓани во вкупен износ од 8 милијарди денари. Истовремено, планирани се и средства за поддршка на функционирањето на постојните дневни центри и народните кујни, како и средства за субвенционирање на трошоците за потрошувачка на енергија на најзагрозените категории на граѓани. Во буџетот се планирани и средства за субвенционирање на минималната плата во износ од 461 милион денари согласно актуелното законското решение. Со оглед на веќе видливите успешни ефекти на овој проект (раст на платите од 4,7% во септември, највисок во последните речиси 7 години), цврсто веруваме дека ова претставува еден од најдобрите проекти на новата Влада.
    •  Субвенциите во земјоделството, како и значителниот износ на средствата од ИПАРД програмата, ќе обезбедат негово натамошно зајакнување и поддршка со цел зголемување на извозот на македонските земјоделски производи и освојување нови пазари.
    •  За вршење на радиодифузната дејност и работите од јавен интерес во областа на радиодифузијата планирани се средства во износ од 1,2 милијарди денари.
    •  За зголемување на конкурентноста на приватниот сектор, преку мерките за нови гринфилд инвестиции, мерките за поддршка на извозот, поддршката на малите и средните претпријатија, како и иновативната дејност планирани се средства во износ од 1,1 милијардa денари.
    •  Предвидени се трансфери до ЕЛС во износ од 17,9 милијарди денари за финансирање на пренесените надлежности на општините и приходи остварени од ДДВ. Во однос на 2017 година, овие средства се зголемени за 893 милиони денари, од кои 140 милиони денари по основ на ДДВ дотација, додека за 753 милиони денари е зголемена блок дотацијата. Во овие рамки се обезбедени средства за зголемување на платите за вработените во основно и средно образование и детските градинки за 5% почнувајќи од септемвриската плата во 2018 година, како и за материјални трошоци за делегираните надлежности за образовната, културната и дејноста на заштитата на деца и стари лица.

За капиталните инвестиции издвојуваме значителен износ на финансиски средства во насока на поддршка на економскиот развој, утврдени на ниво од 24,6 милијарди денари, односно повисоки за 5,3% од 2017 година. Во 2018 година планирано е инвестирање во повеќе области и тоа за: интензивирање на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања за довршување на автопатот на Коридор X и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравството, образовнието и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

Поконкретно, во текот на 2018 година, планирано е:

  • Капитални расходи за патната и железничка инфраструктура во износ од 3,5 милијарди денари. Во овие рамки во 2018 година предвидено е да се заврши изградбата на нова модерна автопатска делница Демир Капија– Смоквица, со што ќе се комплетира главната делница на Коридор X. Проектот се финансира од сопствени средства, користење на кредитно задолжување од ЕБОР и ЕИБ и средства од ИПА фондовите. Со цел модернизирање на постојната железничката инфраструктура ќе продолжи реконструкцијата на железничката пруга на Коридор X, финансирана со заем од ЕБОР. Со овие активности ќе се подобри протокот на патници и стоки на оваа делница, ќе се намалат трошоците за одржување на железничката пруга и ќе се обезбеди посигурен и поефикасен сообраќај. Во текот на 2018 година предвидени се средства и за продолжување на реализацијата на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга Коридор VIII – делница Куманово- Бељаковце- Крива Паланка, финансирана од ЕБОР. Во текот на 2018 година ќе се интензивира рехабилитацијата и доизградба на железничката пруга „Битола – Кременица“, со што ќе се обезбеди алтернативен начин за поврзување со Република Грција.
  • Вложување во енергетската и комунална инфраструктура, за што се проектирани капитални инвестиции во износ од 5,8 милијарди денари. Во текот на 2018 особено внимание ќе се посвети на забрзување на процесот на гасификација на земјата, со цел постепено поголемо користење на извор на енергија кој е поефтин и помалку штетен за животната средина. Притоа, предвидено е продолжување на активностите околу изградбата на првата фаза од Националниот гасоводен систем, делница Штип – Неготино – Битола и делница Скопје – Тетово – Гостивар.
  • Ќе продолжи со интензивирана динамика изградбата на водоводните и канализационите системи во општините финансирани од сопствени извори и со средства од кредитни линии од ЕИБ и КФВ банката. Истовремено, преку Проектот за подобрување на општински услуги финансиран од Светска банка ќе им се овозможи на општините и јавните комунални претпријатија да финансираат инвестициони зафати согласно своите приоритети во областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води, управувањето со цврст отпад и други инвестиции во општински услуги. Преку ИПА средства ќе се поддржи изградбата на пречистителна станица за отпадни води во Прилеп, Радовиш, Струмица и Кичево, како и рехабилитација на канализационата мрежа во општините Куманово, Берово и Прилеп.
  • Уредување на технолошко индустриските развојни зони преку изградба на потребната инфраструктура и објекти и геомеханички истражни работи, за која намена планирани се 431 милиони денари.
  • За здравствениот сектор планирани се инвестиции во износ од 1,9 милијарди денари, наменети за проектот за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, финансиран од буџетски средства и кредит од Банката за развој при Советот на Европа, за набавка на медицинска опрема, реконструкција на Општа болница во Кичево – Фаза 1 и отпочнување со имплементација на фаза 2.
  • За образованието, детската заштита и спортот проектирани се капиталните инвестиции во износ од 2,4 милијарди денари, кои се наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите и инвестиции во спортска инфраструктура.
  • Во насока на поддршка на земјоделскиот сектор предвиден е зголемен обем на капитални инвестиции во износ од 2,6 милијарди денари, кои се наменети за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства. Во овие рамки, со поддршка од ЕИБ планирано е во 2018 година да започне реализацијата на втората и третата фаза од проектот „Подобрување на искористувањето на водите од басенот на реката Злетовица“, со што ќе се обезбеди наводнување на 4.570 хектари нето површина која се наоѓа во општините Пробиштип и Кратово и изградба на мали хидроцентрали по течението на реката Злетовица. Исто така, ќе започне и изградбата на системите за наводнување во Валандовскиот регион, кои се финансираат со заем од КфВ преку втората фаза на Проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар.
  • Во областа на правосудството планирани се средства во износ од 544 милиони денари, а во 2018 година ќе продолжи со имплементација Проектот за реконструкција на казнено-поправните установи, финансиран со заем од Банката за развој при Советот на Европа.
  • Во насока на подобрување на условите за социјално ранливите групи, во наредниот период ќе продолжи имплементацијата на Проектот за домување на социјално ранливи групи, финансиран со заем од Банката за развој при Советот на Европа во износ од 330 милиони денари.

Почитувани пратеници,

Проектираниот буџетски дефицит за 2018 година изнесува 18,2 милијарди  денари, односно 2,7% од БДП, согласно определбата за постепена фискална консолидација, односно чесно, одговорно и домаќинско располагање со народните пари. Притоа, покрај покривање на дефицитот, во 2018 година ќе бидат потребни и 22,7 милијарди денари за отплати на стари долгови, со што вкупните потреби за финансирање во 2018 година изнесуваат 40,9 милијарди денари. Овие потреби за финансирање ќе се обезбедат преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.

Задолжувањето во странство може да се реализира преку издавање на Еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал или преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти. Притоа, изборот на конкретен извор за надворешно финансирање ќе се темели на тековните и очекуваните состојби на меѓународните пазари на капитал. Понатаму, со задолжување на домашен пазар на државни хартии од вредност ќе се обезбеди дополнително финансирање под поволни услови, користејќи ги релативно ниските каматни стапки и високиот интерес на инвеститорите на домашниот пазар за државни хартиии од вредност. Со цел оптимизација на исплатите и намалување на ризикот за рефинансирање, основна заложба на Министерството за финансии ќе биде зголемување на рочноста на издадените хартии од вредност преку издавање на државни обврзници со подолги рочности. Покрај ова, се предвидува и зголемено акумулирање на депозити на буџетската сметка со цел редовно и навремено финансирање на обврските кои доспеваат на среден рок.

Сумарно, нето-задолжувањето во 2018 година изнесува 29,9 милијарди денари. Со ова, ќе се покрие буџетскиот дефицит од 18,2 милијарди денари, а на сметка ќе се акумулираат 11,6 милијарди денари како депозит. Моментот на акумулирање на депозити на сметка е особено битен, и укажува на водење на одговорна фискална политика, која гледа подалеку отколку само краткиот рок. Поточно, државата треба да биде подготвена за враќање на исклучително големите кредити кои беа земени претходно, а кои треба да се вратат наредните години. Особено важно е да се знае дека во 2020 и 2021 година ќе имаме за враќање околу 925 милиони евра само по основ на три големи претходни задолжувања  – еврообврзница од 270 милиони евра издадена во 2015 година, евро-обврзница од 500 милиони евра издадена во 2014 година, и втора рата од PBG заем од 2013 година во износ од 155 милиони евра, плус други отплати на долгови на домашен и странски пазар.

Почитувани пратеници,

Денеска во Собранието ја почнуваме расправата за Буџетот за 2018 година, кој е еден од најзначајните акти за било која влада и држава. Затоа Ве повикувам одговорно и сериозно да пристапиме кон овој процес и да развиеме дискусија која ќе биде базирана на аргументи и меѓусебно почитување.

Ви благодарам за вниманието и Ви посакувам конструктивна дебата.