25/04/2024
Охрид

Еминентни гости ќе бидат дел од „Охрид трчаТ“

Петкратната учесничка на Летните Олимписки игри и балканскиот шампион, Оливера Јевтиќ, големиот херој и вљубеник во спортот Јане Велковски, директорот на полумаратонот во Дубровник, директорот на „Run Bugarija“, актуелни министри во владата на Република Македонија, неколку амбасадори и голем број на луѓе од општествениот и јавниот живот ќе бидат дел од второто издание на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“.

На 3 јуни со почеток во 10 часот учесниците на 5 и 10 километарската трка и тим билдингот заедно со организаторите и волонтерите ќе имаат една цел, низ дружење, забава и трчање да го промовираат Охрид во светски рамки.

Организаторите кој напорно работеа и работат на финалните подготовки најавуваат спектакл зачинет со одлична музика и многу позитивна енергија и забава за сечиј вкус. Во првото издание на „Охрид трчаТ“ на стартот се појавија 400 учесници, а годинава ќе стартуваат над 1000 вљубеници во трчање, што покажува дека Атлетскиот викенд во Охрид се движи во посакуваниот правец.

В сабота како најава за големиот настан на градскиот плоштад од 10 до 20 часот ќе се подигнуваат стартните пакети, а на Кеј Македонија во 11 часот ќе се одржи детската трка на која ќе биде задоволство да се гледаат најмалите како трчаат и се забавуваат.