25/04/2024
Македонија

Епидемија на мали сипаници на територија на ПЕ Дебар

Моментална  состојба во Р. Македонија

Во 2018 година, заклучно со 23.08.2018 во Република Македонија се регистрирани вкупно 40 случаи на мали сипаници. Најголем број од заболените (25) се од Дебар, 10 лица се жители на територија на ЦЈЗ Скопје, две се од Охрид, по едно е од Куманово, Тетово и Струга.

Возраста на заболените се движи од 5 месеци до 45 години, а повеќе од половината (55%) се на возраст над 30 години, a 25% од заболените се деца на возраст до 4 години.

Најголем број од заболените (24) се регистрирани во  јули, кога е пријавена епидемија на мали сипаници на територијата на ПЕ Дебар. Во август се регистрирани 4 заболени, од нив две лица се поврзани со епидемијата во Дебар,  а другите две се од територијата на ЦЈЗ Скопје кои не се епидемиолошки поврзани.

Од вкупниот број на случаи, 75% се лабораториски потврдени. Од 30 лабораториски потврдени случаи, 77% се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус, додека  7 лица се вакцинирани со две дози на вакцина.

Епидемија на територија на  ПЕ Дебар

Од вкупниот број на регистрирани случаи, во 2018 година, 27 случаи се поврзани со епидемијата на мали сипаници на територијата на ПЕ Дебар. Во епидемијата, 74% од заболените лица се на возраст над 30 години, 4 се на возраст од 20-29 години, 2 лица се од 15-19 години и  едно лице е под една година.

Од заболените во епидемијата за 18 лица има лабораториска потврда, а во 9 случаи е  утврдена епидемиолошка врска. Од лабораториски потврдените случаи, 61,1% се невакцинирани или се некомплетно вакцинирани, останатите се вакцинирани со две дози.

Со цел да се намали можноста за ширење на заболувањето се преземаат се следниве мерки:

  • Засилен епидемиолошки надзор над исипните трески во Дебар, но и во останатите градови во Републиката.
  • Секој суспектен случај на мали сипаници, кој ги исполнува критериумите на дефиницијата на случај епидемиолошки, се истражува и лабораториски се тестира.
  • Се проверува вакциналниот статус на сите заболени лица и нивните контакти. На контактите на заболените лица кои не се вакцинирани или се некомплетно вакцинирани се препорачува вакцинација со МРП вакцина, до комплетирање на вакциналниот статус, соодветно на возраста.
  • Редовно се следи вакцинацијата со МРП вакцина на територијата на целата република, особено на територијата кадешто ќе се регистрира случај на мали сипаници.
  • Во сите вакцинални пунктови на територијата на РМ продолжува засилената контрола, проверка на вакциналниот статус на подлежните лица на МРП, изнаоѓање на невакцинирани и некомплетно вакцинирани, нивно повикување и вакцинирање.
  • Објавен е едукативен материјал на веб-страната на ИЈЗ со цел луѓето кои патуваат на дестинации каде што има епидемии од мали сипаници (летни одмори) да бидат свесни за ризиците, доколку нивните деца или тие не се вакцинирани против мали сипаници.

Остануваат на важност претходно дадените препораки до здравствените работници, како и до генералната популација.