20/04/2024
Македонија

Европски банки финансираат мали хидроелектрани кои уништуваат значајни природни подрачја во Македонија

Најновата студија изработена од ЦЕЕ Бенквоч мрежата на граѓански организации која ги следи банките кои финансираат „валкани“ проекти во земјите од Централна и Источна Европа, покажува дека пет проекти за мали хидроелектрани поддржани од Европските банки, предизвикуваат значителни штети во области богати со биодиверзитет во Македонија.

Во текот на септември оваа година членови на Бенквоч мрежата заедно со локални експерти посетија пет локации на проекти за хидроелектрани во Македонија каде беше забележано значително уништување на речните екосистеми.

Сите пет проекти се финансирани од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската инвестициона банка (ЕИБ), и на сите пет локации беа забележани видливи прекршувања на национални прописи и закони и меѓународни стандарди.

Некои од поголемите прекршувања кои беа забележани на локациите на проектите се пресушување на речното корито или блокирање на рибните патеки. Хидроелектраната Брајчино 1 која се наоѓа во Националниот Парк Пелистер воопшто не пропушта вода која би требало да стигне до едно од клучните живеалишта на ендемскиот вид- преспанска пастрмка.

Проектот во Тресонче кој се наоѓа во Националниот Парк Маврово, е главна причина за уништувањето на водните видови во реката Тресонечка, случај што треба да послужи како сериозно предупредување за Македонската Влада како и за инвеститорите и промотерите на хидроелектраните за можните катстрофални последици кои би следеле доколку се остварат плановите за сите 15 хидроелекрани во НП Маврово.

Измината недела во Стразбур, постојаниот Комитет на Бернската Конвенција за заштита на дивиот растителен и животински свет и природни живеалишта во Европа при Советот на Европа на 37миот состанок побара Владата на РМ итно да ја суспендира изградбата на малите хидроцентрали во НП Маврово. Како држава членка на оваа Конвенција, Македонија има обврска да го послуша ова барање.

„Понатамошната изградба на постојни или планирани хидроелектрани во заштитени подрачја треба да биде целосно забранета. Македонската влада и меѓународните инвеститори треба да постапуваат во согласност со препораките кои доаѓаат од истакнати институции како Комитетот на Бернската Конвенција за заштита на дивиот растителен и животински свет и природни живеалишта во Европа и Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN). – вели Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест.

Дел од тимот кој ги посети локациите на хидроелектраните беа и биолози кои работат во земјава и тие идентификувааа повеќе видови флора и фауна во НП Маврово кои досега не биле забележани, меѓутоа и повеќе видови кои се ендемски, загрозени или приоритетни и од интерес за заедниците и кои мора да бидат заштитени како дел од процесот на пристап на земјата во ЕУ.

Биолозите направија проценка на долготрајните последици кои хидроелектраните би ги имале преку земање примероци од водата. Инфраструктурата на малите хидроелектрани е поставена високо во планините и далеку од очите на јавноста, што им овозможува на операторите да го игнорираат законот, но и брзо да ги сокријат овие прекршувања на законот со реставрирање на природниот тек на реката доколку дознаат за инспекција или независен мониторинг. Токму затоа со земањето примероци се лоцираа промени во екосистемите кои не се видливи со голо око.

Студијата може да се прочита целосно на следниот линк, а изработена е како дел од кампањата „Спаси го синото срце на Европа“.