28/03/2024
Спорт

Европски и Балкански шампиони и олимпијци на Ohrid OPEN 2019, пријавени над 140 спортисти

Бројни Европски и Балкански шампиони, носители на медали на Олимписки игри се меѓу 140-те таеквондисти пријавени на првиот Национален Таеквондо турнир Ohrid OPEN 2019, кој ќе се одржи утре во Охрид според турнирскиот систем на Македонската Таеквондо федерација.

– Во Охрид доаѓа Филип Додевски, вториот стипендист на МОК во олимписко Таеквондо, покрај Дејан Георгиевски. Ќе се натпреварува и Филип Додевски кој на 2-ри март оваа година, со пет победи стана Европски сениорски шампион на седмото европско клубско првенство во олимписко Таеквондо кое се одржа во Солун. Тој е двократен Балкански шампион, и носител на неколку медали од официјални светски купови Г1 ранг. Доаѓа и Ана Марија Георѓиевска, првиот македонски учесник на Младинските Олимписки игри во Аргентина во 2018-та година, информираат организаторите од Таеквондо клубот „Хваранг Фист“ од Охрид.

Додаваат дека се пријавени над 140 спортисти, од кои најбројни се од македонските клубови, а има и од Албанија и Црна Гора.

Учесниците ќе се натреваруваат во неколку категории: машка, женска, кадети, јуниори и сениори, според официјалните правила на Светската Таеквондо Федерација (The official WT Competition Rules). На најдобрите ќе им бидат доделени и признанија и плакети.

Натпреварот ќе се одржи во Спортската сала „Билјанини извори“ со почеток во 09:00 часот кога ќе зaпочнат борбите, а турнирот официјално отворање ќе има во 12:00 часот со претставување на натпреварувачите и клубовите учесници. Според најавите, ќе го отвори градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески,началникот на СВР Охрид Сашо Смилески и командирот на Полициската станица во Охрид Сашко Дончевски, како и бројни гости кои на овој или оној начин придонесоа за успешна организација на турнирот.

Организатор на Таеквондо турнирот Ohrid OPEN 2019 е Таеквондо клубот „Хваранг Фист“ од Охрид, кој е член на Федерацијата од 2007 година и активно учествува во работењето на истата со членови во самата организација, како и во натпреварувачкиот систем. Прв човек на клубот е Ацо Јосифоски, V дан, Светски семиконтакт и европски Таеквондо шампион и повеќекратен освојувач на медаљи од европски и светски првенства.