28/03/2024
Македонија

Февруари – месец на карневали и богата програма во културните установи низ Македонија

Месецот февруари во земјава ќе биде одбележан со одржување на надалеку познатиот Струмички карневал  и карневалот „Прочка 2018“, со пригодни настани во институциите од областа на културата ќе биде одбележан и Денот на вљубените, а во културните установи низ цела Македонија ќе се реализираат повеќе настани – изложби, филмски проекции, литературни читања…

 Во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица по повод одржувањето на Струмичкиот карневал на 15 февруари во 19.30 часот ќе биде отворена изложба на фотографии од минатогодишниот карневал, а во 20 часот ќе се одржи концерт под маски на музичкото училиште „Боро Џони“. На 19 февруари во 19.30 часот ќе биде отворена изложбата на афоризми и карикатури, а на 20-ти во истиот термин ќе бидат доделени наградите од Интернационалната карневалска вечер, по што ќе се одржи Тримерската карневалска забава, додека на 21 февруари во 13 часот ќе бидат одбележани Тримерските обичаи.  
 
По повод одржувањето на карневалот „Прочка 2018“ од 16 до 18 февруари, во ликовниот салон на Центарот за култура во Прилеп ќе биде отворена изложба на маски – креации на учениците од основните и од средни училишта  од овој град. На истото место, пак, на 23 февруари ќе биде отворена и изложба на дела од прилепски уметници.
 
 
prilepprocka-2
Во дигиталното 3Д-кино во состав на Центарот за култура во Битола овој месец на репертоарот се повеќе филмски проекци на филмови од светската кинематографија. На 16 февруари со почеток во 20 часот ќе се одржи хуманитарниот концерт „Млади хуманисти“, а во истиот термин на 22 февруари ќе има концерт македонскиот виртуоз на кларинет Исмаил Лумановски, кој живее и работи во Њујорк.
 
Денеска од 11 до 15 часот, во просториите на Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола ќе се реализира размена на прочитани книги, додека на 14 февруари со почеток во 11 часот со поетски романтични литературни читања, проследени со музика, ќе бидат одбележани Меѓународниот ден на подарување книга и Денот на вљубените. По повод Меѓународниот  ден на мајчиниот јазик, на 21 февруари авторот Александар Гулевски ќе ги запознае присутните со глаголицата и нејзиното значење, а присутните ќе имаат можност да проследат и видеопрезентација  насловена  „Моќта на буквите“.
 
Со предавања на 22 февруари, во Библиотеката „Св. Климент Охридски“ ќе биде одбележан Светскиот ден на социјалните права. Во присуство на еколошки организации, еколози, претставници од Универзитетот и од Општината, основни училишта, на 26 февруари Библиотеката ќе го презентира стратегискиот план на екостандарди на институцијата.
 
lumanovski1
 
 
Во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во  Кичево вечерва ќе се одржи проекција на филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески, а на 14 февруари ќе настапи Никола Тодороски со стендап-комедија. Библиотеката при Центарот за култура на 21 февруари ќе го одбележи Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, а во ликовната галерија на 27 февруари ќе биде отворена изложбата на Власите.
 
Од вчера во Центарот за култура „Бели мугри” во Кочани е поставена изложбата со наслов  „Писатели-сликари“, а на 21 февруари во 19 часот ќе биде отворена изложбата на дела од Лесновската ликовна колонија 2017. Фолклорниот ансамбал „Мугри“ од  овој град на 24 февруари ќе учествува на Меѓународниот фестивал за песни и ора „Тодорица” во Свети Николе.
 
 
iscelitel1
 
 
Како дел од манифестацијата „Нов културен бран“ која се реализира со поддршка од Министерството за култура, во Центарот за култура во Охрид на 11 февруари ќе биде реализиран концерт на бендот „The Black and wise social club”. Во Охридската библиотека, пак, на 22 февруари во 12 часот преку читање одбрани песни, Охрид ќе се сеќава на роднокрајниот писател  Ристо Јованоски.