29/03/2024
Македонија

Филипче: Менаџерскиот тим во болницата во Козле посветено работи со пациентите со Ковид-19

Денеска Министерот за здравство доц. д-р. Венко Филипче го посети Институтот за белодробни заболувања кај деца „Козле“ кој од неодамна е пренаменет за згрижување и на возрасни пациенти заболени од ковид-19, како поддршка на двата главни центри во Скопје, Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и Градската општа болница „8 септември“.

Министерот Филипче изјави дека болницата во Козле е установа со огромна експертиза на лекари и медицински сестри во третманот со болни од белодробни заболувања. Дополнет е кадарот со експерти, специјалисти по интерна медицина, пред се од клиничкиот центар во рамките на системот на ротација.

„Дваесетина пациенти се хоспитализирани, вкупниот капацитет на болницата е шеесетина кревети со централен довод на кислород, што е многу важно за третманот на овие пациенти. Сакам да им честитам и на менаџерскиот тим, но и на лекарите и сестрите коишто за многу брзо време се престроија и навистина посветено и пожртвувано работат со овие пациенти. Ќе продолжи планирањето, практично секојдневно, но и средно и долгорочно на капацитетите за третман на овие пациенти. Во следниот период предвидени се и други капацитети. Засега нема зголемување на притисокот кон јавно-здравствените установи во однос на тоа што беше тренд минатата недела. Модуларната болница кај инфективната клиника е целосно испразнета. Во овој момент таму се поставува централен довод на кислород, капацитетот на клиниката не е целосно пополнет, има неколку слободни кревети, но со секојдневна координација и разговор се прави прераспределба по потреба согласно капацитетите и согласно кадарот којшто ротира во сите установи каде се третираат овие пациенти во болниците ширум државата освен во Битола каде што има неколку 4-5 слободни места, во другите инфективни одделенија капацитетите се практично полу празни“, потенцираше министерот Филипче.

Директорот на Институтот за белодробни заболувања Козле д-р Ангелчо Андоновски изјави дека во моментов во установата има 20 пациенти кои се позитивни на ковид-19. Пациентите се на возраст од 41 до 85 годишна возраст, a има и две позитивни деца.

„На кислородна поддршка има двајца возрасни пациенти. Децата се во добра здравствена состојба и во секој момент се очекуваат последните резултати за да бидат испишани“, рече д-р Андоновски. Тој истакна дека функционираат со помош на тимови од инфективната клиника кои ротираат.