19/04/2024
Македонија

Филмови на жени-режисерки во Кинотека на Македонија

Кинотеката на Македонија и оваа година се вклучува во одбележување на 8 Март, овој пат со три долгометражни филмови, од кои едниот е омнибус од повеќе приказни. Сите се во режија на жени – авторки од Балканот, со што ќе им се оддаде почит и признание на жените филмски творци во нашата средина и култура …

Вечерва на репертоарот е филмот „Викториа“, во режија на Маја Виткова. Станува збор за филм од 2014 година, кое всушност првиот бугарски филм кој некогаш се прикажал на филмскиот фестивал на независен филм „Санденс“, каде што добил позитивни критики. Филмот „Непослушни“ што ќе биде прикажан утре е дебитантски филм на режисерката Мина Џукиќ и својата премиера ја имал 2014 г. на фестивалот „Санденс“.

На 10 март, пак, публиката ќе го погледне омнибусот „Некои поинакви приказни“, кој е составен од пет кратки филма на режисерки од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Словенија. Омнибусот имаше проекции на повеќе од триесет филмски фестивали низ светот и беше на репертоарот на кината во соседните земји. На проекцијата на филмот ќе биде присутна една од режисерките на филмот, Марија Џиџева, а пред филмот ќе има разговор со гостинката и публиката, кој ќе го води Стојан Синадинов.