29/03/2024
Охрид

Финишира есенскиот циклус од програмата „Час за приказни на англиски јазик“

Со интересни едукативни и креативни содржини финишира есенскиот циклус од програмата Час за приказни на англиски јазик која веќе десетта година се спроведува во Црвен крст Охрид. Децата после реализираните 16 часови од програмата имаа единствена можност, предводени од тренерите на оваа програма и во придружба на своите родители, да бидат дел од едукативната екскурзија во Скопје, при што ја посетија Зоолошката градина и Детскиот едукативен центар Жабец, каде активно се вклучија во бројни креативни игри и содржини.

Особен интерес и задоволство кај децата предизвика Часот за приказни на македонски јазик кој се реализира во книжарницата Просветно дело во Охрид, каде на децата од страна на тренерите им беа читани најнови детски наслови.

Последниот час во есенскиот циклус на програмата Час за приказни на англиски јазик ќе се реализира денес, кога и ќе бидат доделени сертификати на децата кои ја следеа програмата.

Уписите за новиот, пролетен циклус на програмата Час за приказни на англиски јазик ќе бидат во февруари 2018 година.