29/03/2024
Македонија

ФОРУМ: Намалување на загадувањето на воздухот со електромобилноста

Денеска, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули учествуваше на форумот: „Намалување на загадувањето на воздухот со електромобилноста“ кој во организација на Делегацијата на германското стопанство во Македонија се одржа на Машинскиот факултет во Скопје. На форумот учествуваа и заменик претседателот на Владата на РМ Кочо Анѓушев кој воедно е одговорен и за ресорот екологија, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, како и претседателoт на Управниот одбор на ЕВН, Македонија Штефан Петер.

Форумот беше одлична можност да се разменат информации за идните проекти на Владата, локалната самоуправа, бизнис заедницата и граѓанските здруженија како различни засегната страни во однос на електрификацијата на секторот транспорт кој е идентификуван како еден од најголемите причинители на загадувањето на воздухот во Македонија.

Заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, истакна дека за општ интерес Владата работи на план за постепено воведување еколошки возила, а предизвик на локалната самоуправа се зелените паркинзи за полнење на електричните возила, бесплатни патарини на автопатот и подготовка на автопатот за оние што минуваат низ нашата земја со електрично возило.

„Електромобилноста носи и други придобивки, ова е концепт што носи инвестиции и генерира нови зелени работни позиции, ги стимулира обновливите извори и има здравствен ефект. Но, за ова да се направи, мора да се има интегративен пристап. Не е доволно само учество на Владата, министерствата и локалната самоуправа, потребни се и другите фактори – науката, медиумите, бизнис-секторот, граѓанските здруженија и на крајот, потребна е промена на навиките, без тоа нема да дојдеме до конечното решение“, потенцира Макрадули.