29/03/2024
Македонија

ГДУ: Двочасовното шоу на Караџовски покажа дека ситуацијата не е под контрола, туку дека целосно е излезена од контрола

Граѓанско демократската унија (ГДУ) испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Двочасовното шоу на Караџовски покажа дека ситуацијата не е под контрола, туку дека целосно е излезена од контрола. Вината за драматичните бројки, за тоа што се потфрли во борбата со корона вирусот не може да се бара кај народот или новинарите.

 Кога цел свет објавуваше снимки од болниците за да им покаже на граѓаните колку е опасен вирусот, кај нас на медиумите не им беше овозможено тоа. Токму тие, медиумите укажуваа дека полицискиот час се прекршува, не се казнува, дека има места каде што луѓето не веруваат дека постои Ковид 19, но надлежните како да не ги слушнаа и видоа материјалите кои требаа да го вклучат алармот. И додека медиумите се бореа да ја пренесат реалната слика што се случува во нашето општество, владините претставници беседеа како требало да има избори, дека одлично сме се справувале со епидемијата. Па одеа по лидерски средби, па нудеа датуми, се делеа флаери.

И како народот да го сфати тоа? Како да ги сфати одлуките во кои јасно се гледаше политика? Комисијата препорача тридневен карантин за Рамазан Бајрам, ама Владата откако Сулејман Реџепи се закани дека ќе ја изгубат поддршката од муслиманските верници, реши да попушти. И кој сега овде нит се води, нит се тера? Народот или оние кои го назначиле Караџовски?

Претседателот на Комисијата им порача на новинарите дека ќе издржел, цврст бил како куче и кажа дека не знаел кој ги променил мерките што ги препорачале. Епа еве ние ќе му помогнеме. Тоа се оние кои го назначиле и кои ги носат одлуките. А зошто ги промениле, одговорот е едноставен- заради партиските интереси. Е арно ама Караџовски се покажа јак како куче за конфликт со новинари, ама не и јак да ја принуди Владата да носи одлуки кои се во интерес на здравјето на граѓаните.

Притоа Караџовски ќе рече и дека не убил никого за да чувствува одговорност. Па да го потсетиме и дека самата функција носи одговорност. Не мора да убиете некого за да одговарате, се одговара и за погрешни потези и одлуки. За жал партиските интереси ја потиснаа науката!“ – стои во соопштението од ГДУ.