24/04/2024
Македонија

ГДУ: Лидерите на СДСМ и ДПМНЕ да ги тргнат рацете од судиите и обвинителите

Граѓанско Демократската Унија – ГДУ испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Повторно сме сведоци на политички пазарења, сега за СЈО. Во право е премиерот кога вели „кои се Мицкоски и Заев па да кажуваат дали им се допаѓаат обвинителите“, а ние прашуваме кои се СДСМ и ДПМНЕ да преговараат за обвинителството, зад затворени врати да кројат решенија кои им одговараат само нив?!

Ги прашуваме Заев и Мицкоски дали Прибе во Извештајот препорача вие да преговарате за Обвинителството? Дали политичкиот пазар е европска вредност?

ГДУ постојано потсетува дека реформите се неопходни и оти за добивање на датум за почеток на преговорите клучни се реформите во правосудството. Но не реформи кои се плод на политички пазар. Туку реформи кои ќе водат кон правна држава, а не продолжување на праксата судство и обвинителство заробени од партиите.

Ги предупредуваме лидерите на СДСМ и ДПМНЕ да ги тргнат рацете од судиите и обвинителите, да престанат со пазарењата и надмудрувањата, во спротивно не може да се зборува за независни правосудни органи.

СЈО не смее да се укине. Мора да ја врати довербата кај граѓаните, да работи неселективно и да ја оправда целта – бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата. Сомнежите постојат и тие се оправдани, ова е тест пред бриселската одлука Заев и Мицкоски да покажат дека не се борат за скриена амнестија и созавање можности да се избегне правдата.“ – стои во соопштението од ГДУ.