29/03/2024
Охрид

Георгиески: Оди Митре од врата на врата и се чуди како граѓаните не му веруваат

Кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ, Константин Георгиески, денес одржа прес-конференција, на која истакна:

„По катастрофалниот пораз во првиот изборен круг во Охрид, фабриката за лаги и измами сместена во Белата Палата во Скопје е пуштена на најјако.

Ништо ново, ништо неочекувано.

Нова е само “марионетата„ која треба да отстатира улога на кандидат за градоначалник.

Тоа е добро позната стратегијата на врхушката. Лаги, дисквалификации, жолч, пизма.

Не издржаа и го испоганија и најголемиот Христијански празник!

Па на ден Велигден новата марионета зборува за ѓаволи. Ѓаволите ќе си дојделе по своето. Ама барем за ова е во право, ѓаволите си дојдоа по своето. Си дојдоа и во 2017 и пред 10 дена и ги протераа од Охрид профитерите од режимот на ВМРО ДПМНЕ.

Охриѓани одлучија сами да решаваат за својата иднина и судбина а не истата да ја оставаат во рацете на теледиригирани проектили и читачи на соопштенија напишани во Белата Палата во Скопје. Резултатите на локалните избори во Охрид покажаа дека ова не поминува.

Враќање назад нема!

Ама ајде, колега да ја кажеме вистината, оти нели таа беше како шило. Врти, врти и ќе излезе на површина. Па да одиме по ред.

ПРВО Раздолжувањето на општината не било по заслуга на општината и не било со општински пари туку со пари од народот! Две безобзирни лаги и една недоречена вистина.

Јасно е дека мојот противкандидат до сега покажа дека не владее со бројки и нема апсолутно никакви познавања за финансиското работење на општината. Но, на охридската јавност веќе и се добро познати информациите и бројките за раздолжување кој многу пати до сега ЈАС лично ги соопштив во интерес на транспарентноста на целиот тој процес.

Да, точно е дека тоа се народни пари. Сите пари се народни Митре.

И овие со кои се раздолжуваме и оние со кои се правени Бели Палати. Не се народни само парите од душманските кредити за стиропорно Скопје со кои на сите нам и на нашите деца ни врзавте камен околу врат Прашањето е Митре, зашто твоите не го раздолжуваа Охрид?

Охрид од нив во 11 години доби САМО шетање со белосветски преваранти и потсмев на државно и меѓународно ниво.

Дури ни едно парапетче околу езеро не направија… Фала Богу.

ВТОРО Општината асфалтирала, ставала бекатонки. Замислете скандал?!

Вистината е дека и Државната изборна комисија ви кажа дека работите кои се изведуваат се во согласност со планот и динамиката за работа и како такви не се спротивни на Изборниот законик. Искрени охриѓани, па дури и не толку искрени, ама сепак охриѓани, би биле среќни што во Охрид се работи како никогаш претходно. Ама не се среќни само во Белата палата на режимот во Скопје за кои Охрид е монета за поткусурување.

ТРЕТО Митре ќе го средувал урбанистичкиот хаос?!

Вистината е дека хаосот што го наследивме во сите сфери на делување е резултат на режимското владеење на твоите. Па висок функционер на ДПМНЕ со охридско потекло на драматична прес конференција и соопшти на јавноста дека носеле закони за бизнис интереси на високи функционери на ДПМНЕ.

ЈАС како в.д Градоначалник во континуитет носам законски решенија и одлуки со кои во рамки на своите ингеренции ја намалувам штетата од долгогодишните штетни политики на ДПМНЕ диригирани од корумпираното криминално здружение.

Она што се факти е дека општината:

На 22.02 2019 год Донесе решение за поништување на одобрението за градење на хотелот во Лагадин заведено под УП.1 БР.20-3852 издадено 05.12 2016.

На 25.03 2019 год донесе Решение за отстранување на градба кај Чинарот заведено под УП 1 бр.36-155 во Дневник бр.12/19.

Впрочем за начинот на кој ние се справуваме со проблемите во оваа сфера, добив пофалба на јавна сцена од еден од противкандидатите во првиот круг, од граѓанскиот сектор како и од сите добронамерни охриѓани.

Дивоградбите се голем и стар проблем за Охрид. Митре тоа многу добро го знае. Па затоа го повикувам јавно и недвосмислено да одговори пред охриѓани дали и тој градел на диво и бил или е сопственик на диваградба?

За крај сакам да се осврнам на блуткавата и приземна кампања со која се подгреваат меѓуетнички и меѓуверски тензии со цел да се добие евтини политички поени. Евтини политички поени кои може скапо да не чинат сите нас. Добро знае целата Македонска јавност кој долги години во недостиг на соодветна политичка понуда посегнува по подгревање на ниски страсти. Во недостиг на аргументи зошто да гласаат за нивната нова марионета, охриѓани се изложени на кампања на застрашување.

Филм гледан многупати. Иста режија, исто сценарио.

Ги повекувам институциите во најитен рок да превземат мерки против авторите и споделувачите на текстови кои предизвикуваат национална и верска нетрпеливост.

Оди Митре од врата на врата и се чуди како граѓаните не му веруваат.

И јас се чудам… што Митре е зачуден.

Драг мој Митре, искрено жалам што дозволи да те претворат во читач на лажни вести, стари предизборни програми и штанцани соопштенија во кои дури ни името на твојот противкандидат не го научија ниту после 1 месец кампања. Ете толку си им битен и ти и охриѓани. Но тоа е твој избор.

Охриѓани веќе го направија својот избор,ќе го направат повторно во недела!

Изборот на охриѓани на 5-ти мај ќе биде да одат ЗАЕДНО НАПРЕД!

Охриѓани ќе гласаат ЗА ОХРИД!“ – истакна Георгиески.