28/03/2024
Охрид

Георгиески: Повисоки приходи на Општината и Јавните претпријатија

Вршителот на должност градоначалник, Константин Георгиевски во изјава за медиумите се осврна на извештаите за работата на Секторите на општината, општинскиот буџет за 2018 година и негова реализација како и завршните сметки и извештаите за работата на јавните претпријатија, кои беа точки на дневен ред на денешната 25 Седница на Советот на општина Охрид.

„Прво ќе се осврнам по однос на извештаите за работата на секторите во општината и остварувањето на буџетот коешто е поголемо за 9 % во споредба со 2017, поточно 86, 5 милиони денари. Во однос на забелешките кои ги изнесе координаторот на Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Пецаков, точно е дека остварувањето на буџетот во Програмата за комунални дејности улици и патишта е пониско од планираното, меѓутоа тоа е резултат на тоа што не се оствари делот од буџетот којшто беше на товар на општина Охрид по однос на асфалтирање на улицата „Абас Емин“. Станува збор за проект којшто е врзан со Министерство за транспорт и врски затоа што 600 илјади евра се обезбедени од Европска Банка за обнова и развој коишто покриваат комплетна изработка на атмосферска, фекална канализација и водоводна мрежа. Тој проект неколку месеци беше заглавен во службите на Министерството за транспорт и врски во однос на консултанските забелешки кои ги имаа консултантите ангажирани од министерството. Ние вршевме перманентна комуникација со нив, направивме некои корекции во предмет пресметките кои беа од технички аспект. Сето тоа е завршено и очекуваме Министерство за транспорт и врски за таа ставка деновиве да го распише тендерот и конечно да започне реконструкцијата на улицата „Абас Емин“. Асфалтирањето ќе биде на товар на општината. Токму затоа е низок процентот на остварувања во тој дел.“ – истакна в.д. градоначалникот Георгиевски кој е согласен дека треба да се креира буџет определен од реалните можности на општината.

„Буџетот којшто го искреиравме за 2019 година е таков, а буџетот којшто го донесовме во 2018 година беше подготвен од претходната администрација затоа што ние дојдовме во општина во месец ноември, а буџет не се прави за два месеци. Така што остварувањето на буџетот е ниско поради тоа што истиот не го подготвувавме ние.“ – подвлече Георгиевски и се осврна на финансиските извештаи и работењето на јавните претпријатија во Охрид за 2018 година.

„Декларативните изјави се едно, а бројките се немилосрдни и вистинити. Таксативно и со бројки ќе ги наведам завршните сметки на јавните претпријатија. ЈП „Градски гробишта“ во 2017 година остварило загуба од 2 милиони 908 илјади денари. Оваа година тоа јавно претпријатие е во добивка од 2 милиони и 206 илјади 427 денари. ЈП „Водовод“ – Охрид во 2017 година било со загуба од 36 милиони 235 илјади денари, четири неисплатени плати , здравствено осигурување на вработените и огромни долгови. Во 2018 година загубата е само 3 милиони 660 илјади денари или разликата е од фрапантни 32 милиони 575 денари во плус. МЈП „Проаква“ – Струга во 2017 година е во загуба од 58 милиони 717 денари, а во 2018 година добивка од 15 милиони 570 денари или во плус 74 милиони 287 илјади денари. ЈП „Градски Пазар“ во 2017 година има добивка од 1 милион 416 денари, а загуба во 2018 година од 1 милион 689 илјади и 151 денар. Овдека е интересно тоа што приходите од редовното работење на ова јавно претпријатие се зголемени од 7 милиони 916 денари на 9 милиони 237 денари. Загубата се должи на тоа што во 2017 година од страна на приватниот партнер во однос на изградба на новиот пазар еднократно е исплатена сума од скоро 5 милиони денари и на тоа се должи добивката во 2017 година. Доколку би имале таква исплата и во 2018 година тогаш добивката на ова јавно претпријатие би била поголема отколку во 2017, затоа што приходите во таа година се поголеми во однос на претходната. ЈП „Охридски Комуналец“ во 2017 година имало добивка од 14 милиони 448 илјади 208 денари, оваа година добивка од 17 милиони 842 илјади 357 денари и да не заборавиме дека ова јавно претпријатие оваа година доживеа ренесанса во опремување и модернизација со нови машини, возила и помошна механизација. Приходите во ова јавно претпријатие во 2017 година биле 129 милиони 505 илјади, а оваа година се 140 милиони денари. ЈП „Билјанини извори“ во 2017 година остварило приходи 23 милиони 568 денари, а годинава 36 милиони 602 илјади 390 денари. Разликата е од 13 милиони денари во плус . Загубата на ова претпријатие во 2017 година била 7 милиони 453 илјади 719 денари, а добивката оваа година е 3 милиони 492 илјади 986 денари. На ЈП „Нискоградба“ во 2017 година приходите биле 55 милиони 772 илјади 259 денари, а во 2018 година приходите се 60 милиони 262 илјади 719 денари, што значи дека за 8% се зголемени приходите. Овде бележиме загуба на претпријатието затоа што имаме отпис на побарувања од правни лица за изминатите 6 години којшто не бил направен во период од 2010 до 2015 година, а е во износ од 971 илјада денари. Во ова претпријатие имало и исплаќање на отпремнини од 600 илјади денари и смртни случаи. Токму поради овие причини настанала загубата на ова претпријатие од 1 милион и 500 денари. Може да констатираме дека во 2018 година сите јавни претпријатија ги зголемиле приходите, намалени се трошоците и сите работат во одлична кондиција.“ – истакна в.д. градоначалникот Георгиевски и посочи дека во моментов по налог и со финансиска помош на општина Охрид екипи на ЈП „Охридски Комуналец“ го чистат просторот кај некогашната касарна „Михајло Апостолски“ кој простор години наназад никој не го расчистил како и тоа дека сработеното и зголемените приходи во последната 2018 година е доволен доказ дека јавните претпријатија се извлекуваат од финансиската криза која ја стекнале во претходните неколку години.