29/03/2024
Охрид

Георгиески: Во паралелниот универзум на ова ДПМНЕ белото е црно, а лагата е вистина

Во врска со прес-конференцијата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, кој го обвини Градоначалникот на Охрид дека со раздолжувањето на Општината, тој сред изборна кампања прави масовен поткуп на бизнисмените во Охрид, со демант излезе в.д. градоначалникот Георгиески. Во прилог го пренесуваме демантот интегрално:

„Во паралелниот универзум на ова ДПМНЕ белото е црно, а лагата е вистина.

Во него тој универзум задолжувањето и криминалот се нормалност, а раздолжувањето и домаќинското работење се скандал. Во интерес на вистината би сакале промптно да ја информираме охридската и пошироката јавност за следните факти:

Прво на завчерашната седница, историска седница, Советот на општина Охрид донесе одлука со која Охрид го намали долгот натрупуван 3 децении за 2/3.

Поточно, долгот го намаливме за вкупо 948,023,989 денари или околу 15,400,000 евра.

Од оваа сума :

  • 495,679,436 денари се обезбедени од страна на Владата
  • 260,000,000 денари по основ отпис на камати кои општината ги испреговара со доверителите и
  • 192,344,553 денари обезбедени од буџетото на општината

Второ, општината, како и сите други согласно Законот за финансиска поддршка на ЕЛС, имаше рок до 1ви јуни да ја направи финалната листа.

Имајќи во предвид дека вториот круг од изборите е закажан за 5ти мај, не постои апсолутно никаква гаранција дека Советот ќе се состане до 1ви јуни.

Во таква состојба ние како одговорно раководство не сакавме да ја пропуштиме дадената историска можност што ни ја возможи Владата заедно со дополнителните ангажмани и финансии обезбедени од општината, Охрид од должник рекордер во државава да го направиме кредибилен партнер на финансиските институции и бизнис секторот генерално.

Да не ја залажуваме јавноста повеќе, охриѓани после толку долго време добро знаат што е лага, што е вистина. Знаат што се факти и бројки од една страна, а што е лошо лажно сценарио изработено од кујната на ДПМНЕ наменето само за плукање на моменталното раководство од друга страна.

Охриѓани добро знаат кое е вистинското прашање кое треба да се постави. Зошто тоа исто ДПМНЕ во времето на нивна локална и централна власт не го направи истото?! Зошто истите тие не ја раздолжија општината додека градоначалник беше Бакрачески, туку само го опструираа Охрид?!

Меѓутоа не прашува никој бидејќи сите го знаат одговорот.

Нам, а и на сите граѓаните ни е јасно дека ова ДПМНЕ знае само да се задолжува и размислува само за проценти.

Охриѓани пред година и пол одлучија да стават крај на таа приказна.

За ДПМНЕ остана срамот од предходното нивно владеење, но останува и овој завчерашен срам. Наместо да учествуваат во овој историски процес за Охрид и во оваа инвестиција во сегашноста и во идината на нашите поколенија, советниците од ДПМНЕ по налог на белата палата од Скопје, гласаа воздржано.

Веројатно и нив им пропработе малку совеста па им беше непријатно да гласаат против. Сепак, тие ќе треба да се соочат со гневот на охриѓани и со сопствената совест, а не пишувачите на лажни вести од белата палата во Скопје.

За крај, знаејќи го форматот на политичкиот противник, верувајте дека не очекуваме аплауз од нив на отворена сцена, но очекуваме барем да не го блокираат развојот на Охрид за ситни, дневнополитички и ситнопартиски интереси.

Нормално е дека во паралелниот свет на ДПМНЕ ништо тое не е точно. Ни инсинуациите, ниту бројките, па на крајот ни името на в.д. градоначалникот.

Во тој свет не е битна вистината, туку некој да се фати на мамецот наречен лажна вест.

Кандидатот КОНСТАНТИН Георгиески во сред изборна кампања НЕ прави масовен поткуп на бизнисмените во Охрид, кандидатот КОНСТАНТИН го раздолжува Охрид!

Меѓутоа враќањето во реалноста им следи по изборите. По нив повторно ќе се погледнеме во очи и заедно ќе продолжиме да работиме за развојот на Охрид. За Охрид!“ – истакна Георгиески.