25/04/2024
Охрид

Гордана Стојаноска е авторот на поемата „Клучевите“, добитник на наградата „Григор Прличев“

Автор на поемата „Клучевите“, добитник на престижната награда „Григор Прличев“, е доц. Д-р Гордана Стојаноска.

Родена на 14.05.1969 година во Битола. Дипломирала на насоката за наставник за одделенска настава на Педагошки факултет – Битола, на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола. Магистрирала на Институтот за социолошки и политичко – правни истражувања, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје во 2008 година. Докторирала на истата институција во 2012 година. Работи како доцент на Педагошки факултет – Битола, на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола, на група социолошки предмети.

Автор е на две поетски книги: „Збор за зборот“ во коавторство со Златко Жоглев и Даниела Андоновска – Трајковска издадена во 2014 год. и „Поема за маргините“ во коавторство со Даниела Андоновска – Трајковска издадена во 2015 год,

Автор е на над 50 колумни објавени во неделниот весник ЕГО. Автор е на повеќе рецензии на поетски и прозни книги.

Добитник е на светската награда Nosside XXVIIth World Poetry Prize 2011, Калабрија, Италија, Добитник е на наградата „Владимир Костов“ за краток расказ 2014 (Универзитет „Св.  Климент Охридски), Учесник и организатор на повеќе културно – уметнички настани во склоп на Универзитетскиот литературен клуб Дениција.

Поемата „Клучевите“ е напишана во август 2012 година. Брои 1578 стихови преку кои потрагата по оние цврсти, стамени и безвременски вредности се материјализира во дијалог помеѓу авторот и светлиот водач и заштитник кој го персонифицира единството на внатрешното битие и доблесните луѓе кои оставиле трага во историјата на човештвото и личниот живот на авторката.  

Во потрагата по зрнце надеж, по ѕвезда на мрачното небо, поемата ги допира врвните вредности како што се потрагата по вистината, копнежот по слободата, желбата за совршенството, храброста, цврстата вера во иднината, мудроста и љубовта како највозвишеното човеково чувство кое го издига и едначи со божественоста.

Поемата ја карактеризира длабока верба во светлиот еволуциски код и ѕвездената плот на човековото суштество кој секогаш е спремен да влезе во битка со својата мрачна половина и да ја победи, донесувајќи го Човекот во светлиот круг на Диогеновата свеќа.