29/03/2024
Охрид

Градоначалникот Георгиески направи увид на активностите за санација на колекторскиот систем

Градоначалникот Константин Георгиески заедно со Министерот без ресор во Владата на Република Северна Македонија, Едмонд Адеми и директорот на Јавното петпријатие „Колекторски систем“, Владимир Алексијоски денеска изврши увид на работните активности за санација на Колекторскиот систем на Охридското Езеро.

Активностите за санација на терен ги изведува фирмата „Еко тим“ од Скопје, филијала на хрватската компанија  „Инд Еко“ од Ријека. Во текот на изминатиот период, во рамки на правата фаза од санација на Колекторскиот систем, извршена е ревитализација на пумпната станица во близина на хотелот „Гранит“ и на овој потег извршено е комплетно чистење на цевководот во должина од 750 метри. Во моментот се изведуваат работни активности за санација на пумпната станица „Орце Николов“ и чистење на цеководот од потегот на вила „Билјана“ кај месноста Горица до потегот кон каналот „Студенчишта“.

За санацијата на Колекторскиот систем се користи најсовремена технологија за чистење на цевководот, без ископ на постојната мрежа. Предноста на оваа технологија е тоа што работните активности се изведуваат без оштетување на надземната и подземната инфраструктура.

Во рамки на проектот е предвидено да биде саниран најкритичниот дел од системот, кој е потполно нефункционален, a ќе биде извршено и чистење на секундарната канализациона мрежа во градовите Охрид и Струга.