23/04/2024
Охрид

Градоначалникот Георгиески во посета на првото новороденче во 2019 година

Вршителот на должност градоначалник Константин Георгиески денеска на гинеколошкото одделение при општата Болница во Охрид го посети првиот нов жител во 2019 година, здраво машко дете.

Упатувајќи и честитки на среќната мајка Софија Бимбилоска тој го дарува новороденчето со вредносен чек од 10.000 денари и пригодни подароци и притоа посака да има долг живот, добро здравје и многу среќа.

„Искрено упатувам честитка до среќното семејство Бимбилоски за најубавиот дар од Бога што го добија во новата 2019 година. На малиот Антонио му посакувам добро здравје, долг живот проследен со многу среќа и радост. Децата се нашата иднина, нема човек кој не се разнежнува кога ќе слушне ваква убава вест за нова рожба. Токму затоа сите ние ќе работиме и со низа проекти ќе допринесуваме во подобрување на условите за живот и развој на секое дете кое ќе гледа просперитетна иднина за себе во својот град и држава. Ако машкото дете е синоним за цврстина и бериќет очекувам дека ова детенце ќе ни најави плодна и среќна година за нашиов Охрид. Во оваа прилика упатувам честитки и до тимот кој работи на гинеколошкото одделение при Општата Болница во Охрид и до сите други вработени во болницата кои максимално се вложуваат и посветено работат во лечењето и подобрувањето на здравјето на сите пациенти.“ – изјави градоначалникот Георгиески.

Бебенцето тешко 3,6 килограми и долго 51 сантиметар се роди вчера претпладне во 10.10 часот. Новороденчето и мајката се во одлична здравствена состојба. На гинеколошкото одделение во Охрид вчера се родило уште едно машко дете.

„Првороденото бебе во 2019 година е здраво машко дете со тежина од 3 килограми и 600 грама, оценето со највисоки оценки по параметрите на педијатрите, породено е со царски рез. И второто бебе е исто така машко бебе, така да, како што кажа градоначалникот, ќе ни биде силна година.“ – изјави д-р Боро Петрески.